Целосната најава и причините за Критична маса #91, ги пренесуваме интегрално, онака како што ги пишаа од НаТочак:
„Ако излезевте од дома пред 10 или 5 години ќе се израдувавте на новооформени јавни простори, на коридори ослободени за пешаци и велосипедисти, на нови велосипедски патеки кои, иако скромни, најавуваа поинаква, поубава иднина за Скопје.
Ако излезете од дома денес ќе видите дека изградените и реконструираните патеки не се одржуваат, срушените столпчиња никој не ги обновува, нови вело-држачи не се поставуваат, пристапноста не се подобрува, решенијата не се надградуваат. Она што се подобрило пред 10 или 5 години таму и застанало. Нема заобиколувања околу автобуските постојки, контејнерите седат непоместени точно среде патеките, а од ѓубрето околу нив едвај можете да поминете. Тешко извојуваните вело-победи се претворија во горки вело-порази.
Состојбата со безбедноста на пешаците и велосипедистите е во најмала рака иста, речиси и влошена, а можеше да биде подобрена. Нема посериозни инвестиции во смирување на сообраќајот. На градските улици секојдневно животот го губат луѓе, како да се на бојно поле.
Тоа се ситуации КОИ ВО ГОЛЕМ БРОЈ МОЖЕА ДА СЕ ИЗБЕГНАТ. Годишно на улиците низ Македонија нѝ се случуваат 2 дискотеки „Пулс“, со над 120 жртви. Зарем тоа ќе го прифатиме како нешто редовно и вообичаено? Ќе молчиме ли? Дали ќе бидеме неми сведоци на црната статистика?
Никој од сегашните градоначалници или потенцијални кандидати, ниту понудил ниту дискутирал за Визија за нула жртви во сообраќајот. Многу градови веќе го имаат тоа или тргнале натака. Не мора да одиме подалеку, зборуваме за градови кои се тука, во регионот. Зошто да не го земеме нивниот пример? Зошто да не научиме нешто од нив, да ги примениме нивните знаења? Да научиме дека не треба да се работи по лични ставови на градоначалникот. Дека безбедноста и одржливоста во сообраќајот не трпат необмислени решенија: ширење булевари без концепт, асфалтирање и каде треба и каде не треба, ставање контејнери кај што не им е место, толерирање бесправно паркирање и тераси од кафеани кои го окупираат просторот, одбивање да се намали просторот за автомобилите на булеварите… можеме да набројуваме до бескрај.
Автоцентричноста на Скопје е во пораст.
Сѐ повеќе луѓе се зависни од автомобилот како најподдржана опција. Оттаму, сѐ повеќе автомобили на коловозите, но и онаму каде не треба: по тротоари, на велосипедските патеки „фраерски“ ја заобиколуваат гужвата, по парковите и во школските дворови. Па дури и со општински пари градоначалниците ги канат автомобилите да одземаат од детскиот простор наменет за игра и развој, а почнаа и да субвенционираат возачки дозволи за тинејџери од 18 години.
Јавниот превоз, наместо да се развива во посовремени модели, сè повеќе губи патници. Проектот БРТ кој требаше да биде јавно презентиран, дискутиран и коригиран, остана по фиоки, не го објавија ни промоторите, ни критичарите на проектот, и што е најстрашно, веќе 4 години од Градот не се понуди ни алтернатива за системот на јавен превоз во Скопје. Не зборуваме за нови автобуси кои секако мора да се обновуваат редовно. Ни треба сообраќаен систем каде ќе се зголеми нивото на проточност, брзина, ефикаснот со главен приоритет на јавниот превоз. Сето тоа не може без специјални и посебни ленти за јавниот превоз, од каков и тип да е истиот.
Сообраќајот и безбедноста се науки, не се прашање на лично мислење и полуедуциран став, иако за жал го сведуваат на тоа и на проста политичка борба. А некако сите како да знаеме точно што треба да се направи. Да ги потсетиме и оние кои треба тоа да го направат. Да ги охрабриме да се одважат. Па колку и да е „непопуларно“ да се тргнат автомобилите од просторот кој (не)легално го зафаќаат.
Бевме гласни низ годиниве. Неброено пати ги имаме обработено и повторено овие теми во многу наврати во изминатите 13 години: Со бројни дописи, со скоро 100 Критични Маси, на многу средби и официјални состаноци. Доволно долго сме присутни на скопскиве улици за да заклучиме дека главната поента не е овие наспроти оние. Главната поента е наука наспроти политиканство за ситни политички поени.
На Скопје не му требаат сегментарни проектни ветувања дека оваа улица ќе биде пробиена, а онаа асфалтирана, дека ќе се градел кружен тек или нешто слично, тоа се подразбира, тоа е досадно, неуко и без визија.
Она што е поважно е КАКО ЌЕ СЕ НАПРАВИ ТОА, со какви вредности и приоритети.
Заглавени сме во малодушност, кратковидост и краткотрајност, од мандат за мандат.
На Скопје не му требаат крпеници, туку ремонт!
Му треба протресување на сите институции!
Му треба отворање кон граѓаните!
Му треба целосно реобмислување на мултимодален сообраќаен систем, со развиен јавен превоз со специјални ленти, со нови ослободени тротоари и нови изградени велосипедски патеки, со градски систем за изнајмување велосипеди. Му треба визија за нула жртви во сообраќајот! Му треба нов визионерски ГУП за зелен град. Му треба доуредување на кејот на Вардар кон исток и запад, со нови рампи и пешачки мостови. Му треба заживување на јавните простори и нивно редовно одржување и чистење! Му треба пристапност на секој јавен простор за секој на тркала (било со велосипеди, детски колички или колички за лица со попреченост).
Познато е што треба, треба само да сакате!
Идни градоначалници, знаете што треба, а ние знаеме што бараме.
Вие не сте вечни, но последиците од вашето (не)дејствување се.
Искористете ги 4-те години за добро, за позитивен белег во историјата на градот. Управувањето со градот/општината не е ред во CV, туку историска одговорност!
Сфатете ја сериозно!
Ние ќе ве набљудуваме. Ви даваме шанса да ги истражите најновите трендови во урбанизмот и сообраќајот и да понудите НОВА ВИЗИЈА за Скопје.
Скопје не е точак во сала, па да го вртите во место!
Станува критично и чувствуваме одговорност да ја пратиме пораката дека мора да се придвижиме напред!
Славиме 13 години НаТочак и Критична Маса.
Ја возиме 91-вата Критична Маса со стариот повикувачки број за нашето Скопје со наслов: „Ало 091, Критично е!“, соопштија од НаТочак.