Роб Мазурек е композитор, трубач, музички директор, визуелен уметник, абстрактивист и современа музичка икона на чикашката авангардна сцена, кој стекна одлична репутација со Chicago Underground, бенд кој, низ годините, метаморфозираше од дуо во оркестар. Во Бразил, каде што живееше неколку години, тој создаде сличен состав наречен São Paulo Underground, а по враќањето во Чикаго, во 2005 го оформи генијалниот Exploding Star Orchestra, со кој настапи и на годинешниот 43. Скопски џез фестивал каде го го претстави штотуку објавениот албум на Exploding Star Orchestra – “Live at the Adler Planetarium”. Во исто време, скопската публика имаше можност во Галеријата на МКЦ да ја види неговата изложбата „Radical Chimeras“ (звучни принтови, слики, скулптури, инсталација) на Роб Мазурек. Универзумот е огромен простор. Роб Мазурек го исполнува својот дел со грандиозен звук.
Трн: Кажете ни нешто повеќе за вашиот проект „Radical Chimeras“? Како ја вклопиве музиката во сликите?
Роб: Почнав да свирам музика кога имав десет години, а со визуелна уметност кога имав 20 години. Значи правам музика доста долго. Сите овие уметнички дела овде се однесуваат на звукот. Значи сè е направено со звук. Започнува со звукот и потоа правам слика од звукот, а потоа сликата ја анимирам преку програма со звукот. И потоа конечно печатам и правам уште една слика од сликата со звукот. Така, ова може да продолжи и понатаму, затоа што тогаш можам да ја фотографирам оваа слика и го правам истото. За мене, сите работи овде и многу од работите што ги правам, причината што нема звук во собата е затоа што сме опкружени со звук. Значи, сите овие (слики) се звучни.
Трн: Каде се чувствувате покомотно? Во светот на музиката или во светот на визуелната уметност?
Роб: Во овој момент се чувствувам удобно и комотно со двете во целост. Се чувствувам како да стануваат едно нешто. Затоа што тие се една работа и воопшто не размислувам за тоа. Кога свирам мислам на боја, текстура, такви работи. Кога правам слики или видеа, мислам на звукот. Значи, сега е се исто. Се чувствуам удобно и во двете, сите овие различни работи, слики, звук, видео…
Трн: Што донесовте на Скопскиот џез фестивал?
Роб: Оливер Белопета, директорот на Скопскиот џез фестивал, е визионер. Тој постојано внесува работи кои се многу интересни поради тоа и ја одржува културата во живот. Оливер секогаш прави неверојатен избор кога е музиката во прашање. Ги погодува креативните страни. Тој погодува страни каде што се ангажирани повеќе луѓе, сите различни типови на слушатели. Така, мислам дека направи неверојатен фестивал и оваа година, и многу сум среќен што сум дел од него, особено и визуелно и звучно. Exploding star orchestra е еден вид продолжување на таа идеја. Свириме музика која е и духовна, интелектуална, за обичниот човек, за луѓето кои сакаат музика. Нашата музика е за секого и треба да биде светлина или осветлувачка сила за убави и добри работи.
Трн: Што мислите дека е иднината на џезот, на оваа, да ја наречеме интелектуална музика? Дали ќе ја преживвее средината која во моментов се гради околу нас?
Роб: Сакам да го наречам џезот креативна музика или креативно создавање. Знаете, секогаш ќе има креативно создавање. Историјата покажа дека никој никогаш не престанал да прави музика и тоа во најлошите ситуации. Значи, за мене, сè е до разбирање дека сите ние доаѓаме од едно место. Знаете, за мене сите потекнуваме од ѕвездите. Така креативноста никогаш нема да умре. Exploding star Orchestra e продолжение на идејата дека сите ние потекнуваме од ѕвездената материја и мислам дека ако сите го сфатиме тоа, тогаш можеби нема да има војна или сите оние страшни работи кои се случуваат во светот. Да се биде зрак светлина на патот по кој одиме.