Конклава: Тајниот свет на изборот на Папата и историските курзиозитети

Додека најновата конклава во Ватикан е сè уште во тек, светот со возбуда го следи исходот од гласањата што би можеле да доведат до избор на нов поглавар на Католичката црква.
Image: 948643380, License: Rights-managed, Restrictions: Usage restrictions: Advertising and promotion,Commercial electronic,Consumer goods,Direct mail and brochures,Indoor display,Internal business usage,Personal use, Model Release: no, Credit line: Pictorial Press, Pictorial Press Ltd / Alamy / Profimedia

Иако денешниот процес е строго организиран и со векови усовршуван, историјата на папските избори е полна со драматични, па дури и бизарни моменти.

Терминот „конклава“, што значи „под клуч и заклучување“, потекнува од најдолгата конклава во историјата, која се одржала во 13 век. По смртта на папата Климент IV, изборот на негов наследник траел дури 1.006 дена – од ноември 1268 до септември 1271 година – во градот Витербо, северно од Рим. Разгневените граѓани, исфрустрирани од долгиот процес, ги заклучиле кардиналите, им го отстраниле покривот од просторијата и им ја намалиле исхраната на леб и вода, сè додека конечно не го избрале Григориј X.

Токму овој папа во 1274 година вовел правило за ограничување на исхраната доколку конклавата трае премногу долго – по три дена, кардиналите би добивале само еден оброк дневно, а по осум дена, само леб, вода и вино. Иако подоцна ова правило било укинато, неговата строгост оставила силен печат во историјата на црковните избори.

Најбрзиот избор, пак, се случил во 1503 година кога папата Јулиј II бил избран за само неколку часа, а најбрзиот модерен избор е оној на папата Франциск во 2013 година, кој бил избран во петтиот круг на гласање. Папата Бенедикт XVI беше избран во четвртиот круг во 2005 година, а Пиј XII уште побрзо – во третиот круг во 1939 година.

Првата конклава што се одржала во Систинската капела – под познатите фрески на Микеланџело – била во 1492 година. Од 1878 година, сите конклави се одржуваат таму. За време на процесот, кардиналите денес престојуваат во блиската резиденција Домус Санкте Марта, но тоа не било секогаш така.

Во минатото, хигиената била голем проблем. Кардиналите спиеле на кревети во тесни соби веднаш до капелата, без вентилација. Некои конклави во 16-ти и 17-ти век биле опишувани како „смрдливи“ и „неподносливи“, а во летните месеци постоела сериозна опасност од болести.

Иако денес сите конклави се одржуваат во Ватикан, низ историјата тие се случувале и надвор од него. Вкупно 15 се одржале во градови како Витербо, Перуџа, Арецо, Венеција, како и во Констанц (Германија) и Лион (Франција).

За да се спречи политичко влијание и да се осигура дека одлуката е водена од духовна инспирација, Григориј X го вовел правилото за целосна тајност: кардиналите се затвораат cum clave – под клуч – сè додека не го изберат новиот папа. Со векови, ова правило било дополнувано и заострувано.

Интересни се и податоците за возраста на папите. Најмладиот бил Јован XII, избран во 955 година на само 18 години. Најстарите – Целестин III и Целестин V – биле избрани на 85-годишна возраст, а Бенедикт XVI имал 78 години кога беше избран.

Иако денес изборот е поефикасен, конклавата останува уникатен спој на традиција, тајност, историја и духовност – еден од најфасцинантните процеси во светската религиозна пракса.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни