Во рамки на проектот „Унапредување на здравствените права на девојките, жените и ранливите групи“, поддржан од Швајцарската влада преку програмата ЦИВИКА Мобилитас, а којшто партнерски го спроведуваат здруженијата –ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје и Здружението Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари денеска се оддржа конференција на тема „Здравствени политики за сите: Зајакнување и поддршка на девојките, жените и ранливите групи“.
Клучните пораки од конференцијата се дека е потребно здравствените програми да бидат засновани на докази, чии резултати ќе можат да се мерат и следат, со што значително ќе се подобри отчетноста и ефикасноста на јавните здравствени политики и ќе се создава инклузивен и праведен здравствен систем кој ќе овозможи здравствена заштита и за ранливите групи на граѓани и унапредување на здравствените права. Истовремено, граѓанскиот сектор може да биде значаен партнер на јавните институции со меѓусебна интензивна соработка во креирањето и спроведувањето на политиките, преку транспарентност и отчетност.
Како дел од проектот се подготвија детални анализи на четири здравствени превентивни програми во Република Северна Македонија: Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата, Програмата за рана детекција и скрининг на малигни заболувања, Програмата за партиципација при користење на здравствена заштита на одделни заболувања на граѓаните и здравствената заштита на родилките и доенчињата и Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција, од кои произлезе сублимираната анализа со наслов „Унапредување на превентивната здравствена заштита за ранливите групи наоди и препораки од мониторингот на четири здравствено превентивни програми на Министерството за здравство.“ Дополнително, беа подготвени и Економски анализи со клучни наоди и препораки за унапредување на четирите програми, како и правна анализа за измени и дополни на Законот за здравствена заштита во делот на препознавање на граѓанските организации како даватели на здравствени услуги.
На конференцијата се обратија Александар Кржаловски, национален тим лидер на програмата Цивика Мобилитас и Директор на МЦМС, Румена Ѓердовска-Којчески, претседателката на ХЕРА, Борјан Павловски од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ), Александра Ристовска-Евтимова, помошник раководителка на Секторот за финансиски прашања од Министерството за здравство, како и пратеници од Собранието на Република Северна Македонија, Рашела Мизрахи претседателка на Комисијата за здравство, како и членови од Комисијата за здравство, пратениците Венко Филипче, Илир Хасани и Беким Сали.