„Вложуваме значителни напори да ја зајакнеме улогата на локалните власти. Преку финансиска децентрализација, инвестирање во инфраструктурата и дигитализација на услугите, покажавме за кус период дека развојот на локалната самоуправа е наш приоритет. Но, останува уште многу работа. Пред нас е предизвикот да обезбедиме целосна транспарентност, отчетност и еднаков пристап до сите ресурси. Само со заеднички напори и партнерство помеѓу централната и локалната власт можеме да изградиме општини кои ќе бидат пример за добар управувачки модел“, истакна претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во своето воведно обраќање.
На Конференцијата се разговараше за реформата на локалната самоуправа со цел за поефикасни, одговорни и отчетни локални власти, за дигиталната трансформација на локално ниво и интегрирано стратешко планирање на национално и локално ниво, како и за други релевантни прашања.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, истакна дека сите мерки кои ги презема Министерството се резултат на идентификуваните приоритетни потреби на граѓаните и на општините, а така ќе биде и во иднина. Според него, тoa е суштината, граѓаните да бидат задоволни, бидејќи тие се корисници на придобивките од политиките што се спроведуваат на локално ниво.
„Создавање на пофункционална локална самоуправа, подобрување на квалитетот на јавните услуги и изградба на партнерство и доверба со граѓаните се клучни приоритети на оваа Влада и затоа максимално сме посветени на поддршка на развојот на локалната самоуправа. Од самиот почеток ги идентификувавме клучните предизвици со кои се соочуваат општините. Првиот чекор го направивме со финансирање на 274 капитални инфраструктурни проекти, а директната поддршка ќе ја продолжиме и в година со што ќе овозможиме инфраструктурен развој и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните“, посочи Перински, кој информираше дека отпочнат е процесот за унапредување на Законот за локална самоуправа со цел да се врати на граѓаните можноста за отповик на градоначалник, да се обезбеди механизам за засилен комунален ред и надзор, како и поголема вклученост на граѓаните во донесувањето на одлуките, што е смислата на локалната самоуправа. „Во периодот што следи акцентот го ставаме на Ресурниот центар за поддршка на општините и за нивна дигитализација“, додаде министерот Перински, кој ја истакна безрезервната поддршка на централната власт во насока на пофункционален систем на локална самоуправа.
Показател за тоа е и потпишаниот Меморандум за соработка меѓу ЗЕЛС и Владата, истакна претседателот на Заедницата на единици на локална самоуправа и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. Тој посочи дека и натаму, остануваатт барањата на ЗЕЛС, општините да добиваат најмалку 10 проценти од зафаќањето на ДДВ и 50 проценти од персоналниот данок, поинаква распределба на државниот буџет, реформи во методологиите за распределба на средствата во блок дотациите, особено за противпожарната заштита, за образованието, културата и за социјалната заштита. „Со оглед на поддршката и разбирањето на Владата за значењето на локалната самоуправа, има надеж дека ќе фатиме чекор со имплементирање на посакуваните европски стандарди“, порача Ѓорѓиевски.
Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан навраќајќи се на тоа дека УНДП низ годините соработува со сите општини рече дека денеска се фокусирани на критични прашања кои ќе ја обликуваат иднината на успешната децентрализација.
„Еден од централните столбови на овој процес е реформата на локалната самоуправа, која УНДП ја поддржува преку прилагодување на законот за подобрување на транспарентноста, отчетноста и севкупната ефикасност на управувањето. Дигитализацијата беше приоритет за нас, а платформата за е-услуги LOGES, која сега се имплементира во 23 општини, ќе се прошири низ сите општини до 2026 година и ќе се интегрира со националниот портал. Подеднакво важно е долгорочното стратешко планирање, како основа на локалната самоуправа. Со усвојувањето на Националната стратегија за развој, поставивме патоказ за следните 20 години, каде владеењето управувано од граѓаните има значајно место. На среднорочно ниво, УНДП соработува со општините за интегрирано развојно планирање, додека алатките како што се Индексот за развој на општината и Фондот за техничка документација дополнително ги поддржуваат општините во подобрувањето на нивното планирање и оперативна ефективност.“
И Владата на Швајцарија ја поддржува децентрализацијата во Северна Македонија уште од нејзините почетоци. „Со текот на годините, преку различни програми и пристап на повеќе чинители, помогнавме да се подобрат општинските услуги, од услуги за водоснабдување и отпадни води, животна средина, ризици од катастрофи и управување со отпад до образование, култура и социјални услуги,“ изјави амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија, Вероник Улман, која се осврна и на важноста на општините во справувањето со зелената агенда, особено нивната улога да ја заштитат животната средина. „Важно е општините да управуваат со отпадот и природните ресурси и да ја поддржат зелената транзиција затоа што таа е клучен елемент на стратешкото планирање на локално и национално ниво,“ додаде Улман.
Според амбасадорката на Шведска во Северна Македонија, Ами Ларсон Џеин, децентрализацијата е клучна во делот на аспирациите на Северна Македонија за влез во ЕУ, бидејќи ја зајакнува демократијата и локалните заедници, го подобрува владеењето и обезбедува ефикасна искористеност на даноците.
„Со овозможувањето на граѓаните да учествуваат во носењето одлуки, се овозможува регионален развој, се намалуваат разликите и се изедначуваат стандардите на земјата со оние на ЕУ во поглед на инклузивност. Децентрализацијата не е само предуслов туку и можност за раст и усогласеност на пат кон ЕУ. Тоа е исто така процес неопходен за градење на поотчетна и одговорна локална самоуправа која овозможува услуги за секој граѓанин на земјата“, истакна амбасадорката на Шведска.
На конференцијата се споделија и информации во врска со сегашната состојба на локално ниво, како Истражувањето за задоволството на граѓаните од локалните услуги за 2024 година, Годишниот извештај за финансирањето на општините за 2023 година и Анализа на спроведување на општинските надлежности (2023-2024).