Колку социјалните мрежи ја спречуваат сексуалната експлоатација на деца?

Гигантот на социјалните мрежи Мета воведе нови алатки за родителски надзор, но организациите за заштита на децата и против сексуалната трговија велат дека новите мерки нудат мала заштита на децата најранливи на експлоатација и ја пренасочуваат одговорноста од компанијата, пишува „Гардијан“.

Во вторникот, Мета лансираше нови функции насочени кон зголемување на свеста на родителите за активностите на нивните деца на своите платформи. За Messenger, апликацијата за испраќање на приватни пораки, родителите сега можат да гледаат и примаат ажурирања на списокот со контакти на нивното дете и да следат кој ги прегледува сторињата што нивното дете ги објавува. На Инстаграм, компанијата воведе ново известување за да ги предупреди родителите доколку нивното дете блокирало некого.

Мета одговорноста ја префрла на родителите

Но, безбедносните карактеристики што се потпираат на ангажираните семејства може да значат дека новите мерки можеби нема да ги заштитат децата на кои им недостига доследен надзор од родител или старател, како што се оние во системот за заштита на децата и кои живеат во групни домови, предупредуваат експертите.

„Пристапот кон безбедноста што ја става одговорноста на родителите и старателите не е доволен сам по себе. Многу млади луѓе можеби нема да можат да разговараат со родителот за грижите на интернет, особено за децата во домови“, рече Рани Говендер, виш офицер за онлајн политика за безбедност на децата во Националното друштво за спречување на суровост кон децата (NSPCC) од Обединетото Кралство. „Многу родители нема да имаат техничко знаење или време да го надгледуваат користењето на социјалните мрежи на нивното дете“.

Извештајот од Институтот за трговија со луѓе (HTI) за 2020 година, кој ги вклучува најновите статистички податоци за трговија со деца низ социјалните медиуми, покажа дека Фејсбук е страницата која најчесто се користи за регрутирање жртви на трговија со деца (65%), додека Instagram и Snapchat следат по него. Трговијата со деца за секс е дефинирана како сексуална експлоатација на дете конкретно како дел од комерцијална трансакција и според американскиот закон, малолетниците под 18 години не можат да се согласат на сопствената експлоатација.

„Експлоататорите бараат деца преку Интернет. Порано ги бараа во трговскиот центар, но сега ги бараат на социјалните мрежи. Потоа тие ја таргетираат таа личност и градат врска со неа“, рече Лиза Голдблат Грејс, ко-основач и директор на My Life My Choice, непрофитна организација со седиште во Бостон која ги поддржува жртвите од сексуална трговија со деца.

Во 2022 година, 84 отсто од децата жртви на трговија со луѓе со кои работеше организацијата биле под грижа на системот за заштита на децата, вели таа. Низ САД, Националниот институт за згрижувачки млади проценува дека дури 60% од вкупните жртви на сексуална трговија со деца биле во згрижувачки домови или други групни домови.

„Кога станува збор за комерцијална сексуална експлоатација на деца, знаеме дека младите луѓе кои немаат сигурни и ангажирани родители се несразмерно повеќе изложени на ризик“, рече Голдблат Грејс.

Компанијата не пријавувала можна трговија со деца

Истрагата на „Гардијан“ во април откри како Мета не ја пријавувала или не откривала употребата на Фејсбук и Инстаграм за трговија со деца и откри како Месинџер се користи како платформа за трговците со луѓе да комуницираат за да купуваат и продаваат деца.

„Овие нови алатки претпоставуваат дека децата имаат родител или старател кој ги следи и контролира на социјалните мрежи“, рече Тина Фрунд, основачка на Кортнис Хаус, организација која ги поддржува малцинските жртви на сексуална трговија со деца во Вашингтон. „Сексуалните трговци со луѓе имаат групи низ целиот Инстаграм и вака наоѓаат деца. Тоа се деца кои се најранливи во општеството, кои можеби имаат недостаток на родителска поддршка, проблеми со менталното здравје или мала самодоверба“.

Во јуни, Мета откри дека формирала работна група за да ја истражи улогата на Инстаграм во дистрибуцијата и продажбата на материјал за сексуална злоупотреба на деца.

Сепак, Мета претрпе неколку рунди на отпуштања од ноември, поради плановите да се елиминираат околу 21.000 работни места за да се намалат трошоците. Некои од овие намалувања се случија во тимовите на модераторите на содржината на компанијата, каде што вработените имаат задача да откриваат и пријавуваат материјали за сексуална злоупотреба на деца и други графички и навредливи содржини на платформите.

„Штетите што се случуваат на дигиталните платформи континуирано се врамуваат како проблеми што треба да се реши преку зголемена одговорност на корисниците и родителска интервенција, наместо преку значајни системски промени“, рече Лијана Мекдоналд, извршна директорка во Канадскиот центар за заштита на децата, добротворна организација фокусирана на безбедноста на децата.

Канадскиот центар за заштита на децата и NSPCC постојано ги повикаат владите да воведат регулативи кои се однесуваат на онлајн безбедноста на децата.

„Мета има фундаментална одговорност да ги погледне нивните сајтови и алгоритмите што ги користат. Безбедноста на децата на интернет е тешка битка дури и за најприсутните родители“, рече Голдблат Грејс. „Мета има одговорност да ги направи своите платформи за социјални медиуми побезбедни за децата“.

„Експлоатацијата на деца е ужасно злосторство – ние не го дозволуваме тоа и работиме агресивно и се бориме против тоа, на и надвор од нашите платформи. Ние проактивно помагаме во спроведувањето на законот, во апсењето и гонењето на криминалците кои ги извршуваат овие гротескни престапи“ вели Софи Фогел, портпаролка на Мета за „Гардијан“. Таа додаде дека Мета отстранила над 34 милиони содржини за експлоатација и трговија со деца во периодот меѓу октомври и декември 2022 година и исто така пријавиле десетици илјади сметки на осомничени трговци со луѓе до Националниот центар за исчезнати и експлоатирани деца.

„Нашите алатки за родителски надзор се наменети да ги надополнат нашите постоечки заштитни мерки за да помогнат во заштитата на тинејџерите од несакан контакт“, велат од Мета.

Социјалните мрежи се заштитени од судовите

Во мај оваа година Врховниот суд на САД го отфрли случајот на жртви на детска порнографија кои тврдеа дека социјалната мрежа Редит свесно чувала и имала корист од сликите на сексуална злоупотреба на деца објави „Bloomberg Law“. Судиите без коментар донеле одлука со која се потврдува дека Редит не може да биде одговорен за кршење на законите за сексуална трговија со луѓе кога луѓето ја користат нејзината платформа за објавување слики на малолетници кои се злоупотребувани.

Тоа е последната во низата победи на комапниите на социјални медиуми, кои уживаат имунитет од повеќето тужби за говорот на интернет. Врховниот суд претходно одби да го ограничи широкиот штит за одговорност за компаниите сопственици социјални медиуми, вклучувајќи ги Twitter Inc., Facebook Inc. и Google на Alphabet Inc.

Жртвите во тужбата тврдеа дека измените на законот за сексуална трговија со луѓе од 2018 година, им овозможува да го тужат редит за обезбедување платформа за слики од нивната злоупотреба. Тие рекоа дека Редит „конструирал платформа за социјални медиуми каде што се множи детската порнографија“. Судот ја отфрлил тужбата бидејќи жртвите на сексуална трговија не успеале да докажат дека компанијата всушност знаела за злоупотребата на својата платформа.

Случајот „Јавна соба“ покажа дека компаниите не соработуваат со истажните органи

Во земјава случајот „Јавна соба“ го размрда општеството. На почетокот на 2020 година на апликацијата Телграм беше креирана група „Јавна соба“ каде се објавуваа и споделуваа фотографии од малолетни лица со порнографска содржина. Иако групата беше затворена и избришана, сепак од апликацијата Телеграм до македонското МВР и Основното јавно обвинителства не беа доставени докази и податоци за креаторите и администраторите на групата во која се споделуваа содржини.

Сепак, по преземените истражни дејствија на МВР и побараната меѓународна помош, беа идентификувани сопственикот и администратор на групата и еден од модераторите, против кои беа покренати обвиненија. Минатата година Основниот кривичен суд донесе пресуда за предметот „Јавна соба“ ,а обвинетите на кои им се судеше за производство и дистрибуција на детска порнографија им беа изречени казни затвор од четири години.

Овој случај ја покажа слабоста на моменталниот систем и поставувањето на компаниите кои имаат социјални мрежи како недопирливи за органите на власта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни