Финансиското задоволство во Европа значително се разликува од регион до регион. Највисоко е во северна и западна Европа, додека е најниско во земјите кандидати за членство во Европската Унија, меѓу кои се наоѓа и Северна Македонија. Интересно е што и покрај силната економија, Германија покажува релативно ниско ниво на задоволство од финансиската состојба. Според Еуростат, финансиската состојба на едно домаќинство не е само од суштинско значење за пристоен живот, туку е тесно поврзана и со целокупното животно задоволство. Статистиката на ЕУ за приходи и услови за живеење (EU-SILC) ги прикажува перцепциите на граѓаните во однос на нивната финансиска состојба во моментот на анкетата. При оценување на ова задоволство, луѓето земаат предвид неколку фактори, како што се доволноста на приходите, нивото на заштеди, можноста за отплата на долгови, способноста да се покријат големи и итни трошоци, како и вредноста на имотот на целото домаќинство.
Во 2022 година, просечното ниво на финансиско задоволство во ЕУ било 6.6 на скала од 0 до 10, каде 0 значи „воопшто не е задоволен“, а 10 „целосно задоволен“. Највисоко задоволство е забележано во Холандија и Финска со просек од 7.6, потоа следуваат Швајцарија (7.5), Норвешка и Шведска (7.4), Австрија (7.3), Исланд (7.2), како и Белгија, Данска и Обединетото Кралство со 7.1. Изненадувачки, Романија се истакнува со 7.0, пред Германија, Ирска, Малта и Луксембург, кои имаат оценка од 6.8, и Чешка, Италија и Словенија со 6.7. Сите тие се над европскиот просек.
Од друга страна, најниско финансиско задоволство е забележано во Бугарија со само 4.6. По неа следуваат Турција (4.7), Албанија (4.8), Црна Гора (4.9), Северна Македонија (5.1) и Србија (5.2). Грција, со резултат од 5.3, е исто така блиску до оваа група. Помеѓу големите европски економии, Шпанија пријавила најниско задоволство од 6.3, а Франција 6.4, и двете под просекот. Обединетото Кралство се издвојува со највисока оценка меѓу нив, додека Германија и Италија се малку над просекот. Вреди да се напомене дека за Обединетото Кралство, Германија, Исланд и Албанија се користени податоци од 2018 година.
Податоците откриваат јасни географски шеми: нордиските и северноевропските земји се најзадоволни, западноевропските се исто така високо рангирани, додека земјите од југот и истокот на Европа имаат мешани резултати. Земјите кандидати од Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, се рангирани најниско. Романија и Германија се истакнуваат како исклучоци: Романија има неочекувано високо задоволство и покрај пониските приходи, додека Германија има релативно ниско задоволство и покрај силната економија.
Истражувањето покажува дека постои врска помеѓу финансиското задоволство и годишните нето приходи. Приходите во евра објаснуваат околу 51% од разликите во задоволството меѓу земјите, додека кога се земаат предвид прилагодените приходи според куповна моќ (PPS), таа врска се зголемува на 55%. Тоа значи дека повисоките приходи генерално носат поголемо задоволство, но тоа не е секогаш случај. Така, на пример, Турција и Бугарија, кои се најниско рангирани по задоволство, имаат и најниски нето приходи. Романија се издвојува со високо задоволство и покрај нето приходите од само €9,084, додека Луксембург (€46,885) и Германија (€35,597) имаат пониско задоволство од очекуваното. Грција и Ирска исто така се издвојуваат: Грчките домаќинства пријавуваат ниско задоволство и покрај доходот од 19,250 PPS, додека Ирските со 29,700 PPS имаат слична ситуација.
На крајот, иако приходот е значаен фактор за финансиско задоволство, не е единствениот. На перцепцијата влијаат и животниот стандард, стабилноста на економијата, инфлацијата, сигурноста на работното место и социјалната заштита.