Здравјето на кожата е во голема мера поврзано со она што го јадеме, а воспаленијата како што се акни, црвенило, како и предвремено старење се честопати последица на исхраната.
Конзумирањето храна која поттикнува воспаление може да ја наруши рамнотежата во телото, што доведува до зголемен оксидативен стрес и оштетување на кожата.
Одржувањето на здрава кожа бара балансирана исхрана која не ја нарушува заштитната бариера на кожата. Некои намирници, според дерматологот д-р Лили Талакоб, можат да предизвикаат различни проблеми со кожата.
Рафинирани јаглени хидрати
Рафинираните јаглени хидрати поттикнуваат воспаление, што може да ја ослаби заштитната бариера на кожата, предизвикувајќи сувост, иритација и зголемен ризик од оштетување од надворешни фактори. Д-р Талакоб наведува дека храна како тестенини, леб, бел ориз, газирани пијалоци и засладувачи „го зголемуваат ризикот од развој на акни за 30 проценти“.
Млечни производи
Дерматологот укажува на поврзаноста помеѓу млечните производи и тежината на акните кај тинејџерите. Тој исто така додава дека „возрасните кои редовно консумираат млеко имаат четири пати поголема веројатност да добијат акни“. Млечните производи содржат природни хормони кои можат да го зголемат производството на себум во кожата, што може да ги затвори порите и да доведе до појава на акни, особено кај луѓе склони на хормонски дисбаланс.
Брза храна
Многу видови брза храна содржат транс-масти, преработени масла и адитиви кои предизвикуваат воспаленија во телото. Хроничните воспаленија ја влошуваат состојбата на кожата како што се акни, осипи и егземи, а ја ослабуваат функцијата на заштитната бариера на кожата. „Редовната консумација на брза храна го зголемува ризикот од акни за 17 проценти“, предупредува д-р Талакоб. Намирници како кукурузно и сојино масло ја нарушуваат рамнотежата на омега-6 и омега-3 масни киселини во телото, што може да предизвика воспаление.
Здрава рамнотежа на омега-3 и омега-6 масни киселини е неопходна за здравјето на кожата.