Кога Европа ќе се засрами од своите сојузници: СНС на Вучиќ на тапет во Брисел

Дали насилството врз граѓаните, задушувањето на опозицијата и ерозијата на демократијата конечно ќе му пресудат на Вучиќевиот режим во Европската народна партија?
Демонстрант во Белград држи транспарент со натпис ’Видимо се на суду’ – порака до власта за одговорност и правда, во време кога ЕПП го преиспитува статусот на СНС
фото: Трн

Во срцето на Брисел се води процес кој може радикално да ја промени политичката тежина на српската владејачка партија на европската сцена. Европската народна партија (ЕПП) – најголемата и највлијателна политичка групација во Европскиот парламент – го преиспитува статусот на Српската напредна партија (СНС) на Александар Вучиќ. Како што потврди и нејзиниот претседател Манфред Вебер, „процесот е во тек и се смета за сериозен“, што претставува јасен сигнал дека европските партнери конечно ја отвораат темата за демократијата и владеењето на правото во Србија.

Манфред Вебер, ЕПП

Притисокот врз ЕПП не доаѓа одеднаш. Години наназад, европските институции и организации за човекови права предупредуваат на злоупотреба на државните институции, систематско задушување на опозицијата, медиумска контрола и насилство врз демонстранти на улиците на Белград. Сликите од полициски бруталности, апсења на активисти и изборни манипулации веќе не можат да се игнорираат во Брисел – особено не во време кога Европската унија настојува да покаже дека не применува двојни стандарди за демократијата и дека правилата важат еднакво за сите – и за членките и за кандидатите за членство.

Клучното прашање што сега виси во воздухот е дали ЕПП ќе има храброст да ја пресече врската со партија која де факто ги крши вредностите врз кои е изградена европската десница. Евентуалната суспензија или исклучување на СНС би биле силна порака – не само кон Белград, туку и кон сите владејачки партии во регионот кои мислат дека можат да ја злоупотребуваат демократијата без последици. Спротивно, одржувањето на статус квото би значело дека политичките интереси и стабилноста повторно ја победиле принципиелноста.

Денес Брисел го гледа Белград поинаку отколку пред неколку години: Србија се оддалечува од европскиот пат, а авторитарниот стил на владеење ја оддалечува не само од европските стандарди, туку и од идејата за демократија сама по себе. Доколку ЕПП реши дека ваквото однесување е неприфатливо, тоа би можело да биде најсилниот удар врз Вучиќ од почетокот на неговата владејачка ера – и можеби почеток на неговата политичка изолација во европските институции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни