Трн: Со каква терапија се случува добар театар во Битола?
Иван: Со работа. Со отворено срце пред сѐ и ум. Без страв да се фрлиш со двете нозе во непознатото. Само така понекогаш ја бива работата.
Трн: Како ја одредивте вистинската дијагноза кај публиката?
Иван: Публиката нема дијагноза, само творците. Доколку творецот успее да се пребори сопствените “стравови и болести” и да го артикулира тоа во уметнички чин, е тоа е вистинска дијагностика. И тогаш…
Трн: По 35 години македонски театар гостуваше во Тирана, поздравен со големи овации и аплауз, да не ви дојде гласно и мачно?
Иван: Што погласно тоа понемачно… Тирана е велеград, уметнички центар, факт кој за нашите градови не можам да го кажам. Дотолку чувството дека успеавме е уште поубаво

Трн: Дали Тирана го откри Битолски театар, или вие ја откривте Тирана?
Иван: Се откривме заедно, се смирисавме и тоа беше тоа. Не е ова дека откривме нафта или златна жица… Едноставно се случи размена и тоа беше клучно.
Трн: Што ве почастија на влез, а што на излез?
Иван: На влез не почастија со професионализам, на излез со емоции.
Трн: Сакате повторно да играте во Тирана, или сепак во Берлин?
Иван: Од Тирана да летаме за Берлин.
Трн: Вие сте екипа, група или семејство?
Иван: Ние сме група која од време на време се дели на екипи и се труди да стане дел од големото театарско семејство. Времињата се тешки, турбулентни, тешко е да се одржи заедништво, ама се трудиме. Важно е да има идеја која не обединува.
Трн: За која улога сонуваш да ја одиграш на Бродвеј?
Иван: Кога би играл јас на Бродвеј тоа би било… “Ко то тамо пева?” А богами и игра. АвтоТРНот настрана, ме интересира сиров, ангажиран, жесток театар.
Трн: Која улога никогаш не би ја прифатил и зошто?
Иван: Таа на Бродвеј.

Трн: Зошто?
Иван: Види одговор погоре, ха ха ха…
Трн: На социјалните мрежи објавуваш поезија, дали тоа е Иван актерот, или Иван директорот? Кој е поромантичен?
Иван: Кога објавувам поезија сум само Иван. Ретко објавувам романтична поезија. Како што би рекол Брехт: Не зјапајте романтично.
Трн: Дали директорот му вели на актерот да прекине со улоги и да се посвети на директорувањето?
Иван: Ретко играм, колку да сум во кондиција. Е тогаш е обратно, актерот му вели на директорот… Актерството е сигурно најубавата професија на светот, барем што се однесува до мене. За мене директорувањето е обид да се внесе малку ветер во театарот и да се воспостави тренд на правење квалитетен театар кој провоцира и го тера гледачот на размислување. Театар кој не е само ефтина забава за публиката. Театрите и уметниците од регионот нѐ препознаваат, знаат дека во Битола се прави пред сѐ добар театар и на тоа сум посебно горд. Е сега што би се рекло во народната поговорка, дали успеавме во “нашето село” времето ќе покаже.

Трн: Битолски театар често на сцената покажува полови органи, по кои параметри ги избирате и дали има посебен кастинг за ова? Кога нема полови органи има хумор, има ли крај смеењето?
Иван: Кастингот за избор на актер/актерка кој/а треба да се соблече го оставам на некоја друга индустрија. Голото тело никогаш не било нешто од кое човек треба да се срами, има многу други работи и наши постапки од кои би требало да се срамиме како луѓе. Кога се покажува голо тело на сцената без оправдување е вулгарно, но кога е оправдано тоа е како секој друг костим, реквизит, алат… Во една наша претстава тоа изгледа навидум неоправдано но тоа се случува со цел да го коментира малограѓанскиот став кон соблекувањето на сцената… Луѓето по светските музеи се воодушевуваат на ремек делата на ликовната уметност на кои се прикажани актови, но се згрозуваат кога актер ќе се соблече на сцената. Разбирам зошто. Ова за жал е време на “дакфејси” и силикони и тој третман на телото не е вулгарен… Хумор за жал, во денешно време е во голема мера “суспендиран”. На луѓето не им е многу до смеење или се смеат на погрешни работи. Моќта на театарот треба да е во тоа да ја натера публиката да се насмее на своја сметка… Уште ако на крајот остане кнедла во грлото, полн погодок.
Трн: Кога ќе те видиме во трета улога, да изрежираш една претстава…
Иван: Претстави сум режирал. Досега три. На секои десетина години по една. Последната ми беше лани, следната ќе видиме. Најверојатно пак ќе работам кога некој ќе ме покани, некој текст кој заедно би го избрале.
Трн: Омилена реплика од претстава?
Туууу бииии, оооор ноооот туууу бииии…!!! Мајтап. Имам многу ама една од омилените и истовремено најболни ми е: “Твојата татковина е мрсна свиња, накитена со бисери, купени со парите на твоите родители кои цркнаа во обидот да го пренесат на оној свет шкафчето со Чешки кристал”
Трн: Која претстава го опишува твојот живот/ сензибилитет/ карактер?
Иван: Прекрасно е кога уметноста се среќава со животот на творецот. Тоа за жал е ретко, освен кога има екипа која е “фул” обединета околу некоја идеја. Во таа смисла претставите и темите кои ги бираме најубаво не опишуваат. Заради се ова ќе одговорам Кислород, според текстот на Иван Вирипаев.