Истражувачите од Океанографскиот институт „Вудс Хол“ и Универзитетот во Мајами испитувале четиридецениски податоци од теснецот на Флорида, вклучувајќи мерења на волуменот на морската вода транспортирана низ регионот во тој период.
Тие откриле дека движењето на Голфската струја е намалено за околу четири проценти во последните четири децении, што тие го опишуваат како прв „убедлив, несомнен доказ“ за успорување. Иако основните причини не биле потенцирани во студијата, постои 99 проценти шанса дека ова успорување не е случаен настан, велат истражувачите, објавиле „Science alert“.
„Ова е најсилниот доказ што го имаме за слабеењето на оваа океанска струја релевантна за климата. Иако дефинитивно можеме да кажеме дека ова слабеење се случува, не можеме да кажеме до кој степен е поврзано со климатските промени или дали се работи за природна варијација“ – изјави океанографот Крис Пјакач од институтот Вудс Хол.
Теснецот на Флорида е добар пример за ефектите на Голфската струја, која тече од Мексиканскиот Залив околу Флорида, до источниот брег на САД, а потоа преку Атлантикот. Со себе носи потопла вода, што потоа влијае на температурите, врнежите, нивото на морето, активноста на ураганите и многу повеќе. Исто така, транспортира хранливи материи низ океанот, вклучително и јаглерод.
Покрај тоа што е загрижувачки извештајот за променливата состојба на климата на Земјата, студијата е и доказ за тоа колку се важни долгорочните набљудувања на океаните за идентификување на трендовите кои траат неколку децении, па дури и подолго.
Сега е јасно дека Голфската струја слабее и дека глобалното затоплување е веројатната причина, но не сме сигурни што ќе се случи следно.
Океанските струи играат витална улога во тековната клима на Земјата бидејќи ја прераспределуваат топлината, студот и врнежите помеѓу тропските предели и најсеверните делови на регионот на Атлантикот.
Како што пишува „Science Alert“, она што исто така треба да се земе предвид е како климатските промени ќе влијаат на самите себе, предизвикувајќи дополнителни нарушувања во временските системи. Истражувачите зад најновата студија се надеваат дека анализата на податоците што ја користеле може да се примени и на други области на океанот.
„Голфската струја е витална артерија на океанската циркулација и последиците од нејзиното слабеење се глобални. Мислам дека оваа техника на истражување има потенцијал да извлече и други сигнали за климатските промени што ги имаме“ – изјавила Лиза Бил од Универзитетот во Мајами.
Научниците најавија претходно во јули дека глобалниот систем на Голфската струја може да исчезне уште во 2025 година.
Студијата на Универзитетот во Копенхаген, објавена во списанието „Nature Communication“, покажува дека исчезнувањето на Голфската струја, витален систем на океански струи што научниците го нарекуваат Атлантска меридијална превртена циркулација (AMOC), би имало катастрофален ефект врз климата. Студијата проценува дека временската рамка за колапс на Голфската струја е помеѓу 2025 и 2095 година, освен ако глобалните емисии на јаглерод не се намалат.
Научниците од Универзитетот во Копенхаген велат дека ваквото сценарио е „95 проценти сигурно“ до крајот на овој век доколку продолжат сегашните емисии на стакленички гасови.
„Затворањето на АМОЦ може да има многу сериозни последици за климата на Земјата, на пример, со промена на начинот на кој топлината и врнежите се распределуваат на глобално ниво“, изјавил тогаш професорот Петер Дитлевсен од Институтот Нилс Бор на Универзитетот во Копенхаген.
Најновото истражување, кое потврдило дека Голфската струја дефинитивно слабее, е објавено во „Geophysical Research Letters “.
Извор: sciencealert.com