Бананите, најконзумираното овошје во светот и четвртата најважна прехранбена култура по пченицата, оризот и пченката, се под сериозна закана поради климатските промени, предупредува нов извештај на организацијата Christian Aid, пренесува The Guardian.
Истражувањето под наслов „Going Bananas: How Climate Change Threatens the World’s Favourite Fruit“ открива дека до 2080 година, скоро две третини од површините во Латинска Америка и Карибите што денес се користат за одгледување банани може да станат непогодни за земјоделие. Главните причини се растечките температури, се почестите екстремни временски услови и ширењето на болести поврзани со климатската криза.
Загрозени милиони луѓе
Бананите обезбедуваат 15 до 27% од дневниот калориски внес на повеќе од 400 милиони луѓе ширум светот, а околу 80% од нив се конзумираат локално. Регионот на Латинска Америка и Карибите, од каде потекнува дури 80% од бананите што се извезуваат, се смета за еден од најранливите на климатски нарушувања.
„Климатските промени ги убиваат нашите насади. Немаме приходи, немаме што да продаваме. Плантажата ми умира. Што се случува? Се случува крајот“, вели Аурелија Поп Хо, 53-годишна земјоделка од Гватемала.
Особено ранливи на болести и невреме
Бананите, особено најраспространетата сорта кавендиш, се многу чувствителни на промени во климата. Тие бараат строго одреден температурен опсег (15 до 35°C) и прецизна количина на вода. Силните ветрови можат да ги оштетат листовите, со што се оневозможува фотосинтезата.
Иако постојат стотици сорти банани, кавендиш доминира на глобалниот пазар поради високите приноси и отпорноста при транспорт. Но, токму неговата генетска униформност го прави крајно ранлив на болести, особено на габични инфекции како што е фузариум TR4, која живее во почвата и ги уништува насадите.
Црната пегавост на листот може да ја намали фотосинтезата и до 80%. Влажната клима го забрзува ширењето на болеста, а се почестите поплави и непредвидливите врнежи уште повеќе ја зголемуваат заканата. Во овие услови, целосни плантажи може да исчезнат за кратко време.
Christian Aid повикува на итна прекин на користењето фосилни горива и исполнување на финансиските обврски кон заедниците кои се најпогодени од климатската криза.
„Бананите не се само омилено овошје. Тие се основна храна за милиони луѓе. Климатската криза ја загрозува нивната егзистенција“, вели Осеи Ојиго, директорка за политика и кампањи во Christian Aid. „Животите на луѓето кои најмалку придонеле за климатската катастрофа се веќе во опасност.“