Кирил Ангелов: Со пишување на автобиографијата излупив од себе голем слој на катранска бол

„Безсловен“ е моќно сведоштво за едно длабоко лично патување за надминување на траумите, за отпорноста на човечкиот дух и пронаоѓање сила кога сме соочени со најголемите животни предизвици. За моќта на надежта во најмрачните времиња. Автобиографско писание, вклопено во рамка на сирова искреност. Една тегобна реална слика, насликана со скрб, крв и солзи. Со делото авторот се обидува да се исцели себеси, но и да помогне на сите оние кои го преживеале истото и сè уште се борат во сенките на четириѕидовниот затвор на својот ум.

Трн: Твојата автобиографска книга е најверојатно прва од овој тип. Колку храброст ти требаше за да го раскажеш својот живот на широката јавност?

Кирил: Храброста дојде со излекување од траумите. Полека се искрадуваше насетувајќи ја мојата потреба да се ослободам од сите тегоби кои само ме туркаа надолу. Имаше и двоумење и страв. А тие беа поттикнати од природата на осудување и исмејување од општеството. Но кога некој ќе се соочи со смртта, и кога ќе ја види в очи, тогаш се руши сѐ.

Храброста беше впрочем и поттикната од моментот кога бев дијагностициран со канцер и кога го имав инфарктот предизвикан од хемотерапијата. Тоа беше мојата точка на кршење, која ми ги отвори сите трауми од детството кои јас ги бев затворил во дрвени сандаци на мојата потсвест, и ги бев складирал и сокрил зад сите животни искуства.

За жал, така е со нас луѓето. Само тогаш кога ќе ни се случи нешто лошо, ние прогледуваме, очите ни се отвораат, и потсвеста ни се обраќа гласно и јасно.

Со ослободување на сите вистини, преку таа поттикната храброст, не се чувствуваат тежините како порано. Животот постанува пердувеста леснотија.

За жал, ние сме генерации израснати во трауми. Во сите нас има некоја приказна. Секој треба да го почувствува тој призив и таа храброст, да ја раскаже својата приказна.

Трн: Што те натера да започнеш да ја пишуваш „Безсловен“? Кој беше твојот основен мотив? И од каде насловот „Безсловен” ?

Кирил: Во самата книга раскажувам како ќе беше многу полесно за мене додека растев со траумите, да имав некое дело (лично искуство) во кое ќе барав утеха; да можев да прочитам туѓи животни приказни, и да знаев дека не сум сам. Растејќи во затворен град во кој не се зборуваа проблеми и болки, јас навистина верував дека сум единственото момче кое некогаш било сексуално злоупотребувано, кое поминало низ сите трауми. И тоа е многу тажно уверување; тоа е многу тажна вистина која е одраз на општеството, на светот во кој живееме.

Првичниот порив и мотив беше токму тоа. Да можам да оставам нешто некому. Ако помогне ова дело само на едно дете, само на една личност, јас ќе бидам пресреќен.

Безсловен дојде како одговор на она кое јас бев низ годините. Молчев за сексуалното злоупотребување поради срам и страв од осуда; молчев за булингот поради неприфаќање од окружувањето; молчев за сите трауми поради непостоењето на храброст да се излие сѐ од мене. И во таа безсловност јас тонев, се гушев, пропаѓав, се самоуништував. Но, како во огледало, се гледа и другата страна на таа безсловност. Да знаеш кога љубовно да премолчиш, да заштитиш, утешиш, сочуваш нешто.

Преку свое самоспознавање, самоиспитување и излекување да се најде баланс во тоа да се биде умешно и мудро безсловен.

Трн: Кои се најпредизвикувачките аспекти од пишувањето на оваа книга?

Кирил: Преживувањето на сеќавањата и траумите.

Поради тоа, пишувањето на ова дело беше процес кој се растегаше низ неколку години. Навраќајќи се низ минатото, копајќи низ сеќавањата, се соочував со сите тие авети кои ме демнеа во мојата најголема осаменост.

Периодот на пишување на книгата беше раскрвавен од постојани битки со самиот себеси. Со тоа да не паднам во очај, да не дозволам да бидам втурнат во депресија, да не дозволам уште повеќе да бидам совладан од нив.

Најголемиот предизвик беше и да си простам себеси, што низ годините дозволував да бидам погрешно безсловен и да собирам сѐ во себе.

Трн: Какви реакции очекуваш од публиката откако ќе ја прочита книгата?

Кирил: Најважно од сѐ ми е да може оваа книга да биде како утеха на некое дете (или сега возрасна личност) кое поминува (или поминувала) низ исто или слично. Моето очекување е само тоа.

За преку моето искуство да знае дека не е само, не е оставено и не е единствено. Да знае дека низ сета таа темнина, има светлосен бран кој треба само да дозволи да го понесе во радоста, преку ослободувањето на траумите. Дека борбата е тешка, долга, и крвава, но наградата е неопислива.

Трн: Дали пишувањето на оваа книга имаше терапевтски ефект врз тебе лично?

Кирил: Моментот кога го завршив ракописот, јас конечно се почувствував како да сум целосно излекуван.

А кога првпат земав примерок од „Безсловен” во раце, јас ги видов сите болки надвор од мене. И тогаш си прошепотив дека траумите не се веќе дел од мојата срж. Ги држам во раце, испишани со крв, солзи и скрб во оваа книга. Секогаш ќе се дел од мене, но надвор од телото, душата, срцето. Се излупи од мене голем слој на катранска бол.

И сега, после сите извојувани битки, се чувствувам како дете кое како да не било сексуално злоупотребувано, кое не било физички и психички злоупотребувано, кое не пораснало пред своите години. Светот за мене е нов. Миризбата на цвеќињата и дрвјата е друга, нивната боја е жива, деновите се мелодија. Сѐ ми е ново. Солзите не се толку тешки.

Срцебиењето има време и простор.

Трн: Кои се најважните пораки што сакаш да ги пренесеш преку твојата книга?

Кирил: Најголем проблем со кој се соочуваат децата кои се сексуално злоупотребувани, злоупотребувани преку булинг или внатре во семејството и грешките на туѓи генерации, е што тие се уверени дека тоа било нивна вина. Сакам да знаат дека тоа нималку не е точно. Никогаш не е виновно детето за нештата кои низ грев му се направени. Колку и да тоа изгледа така, вистина е сосем друга.

Сакам да ја пренесам и пораката за простување и последователно ослободување на сите болки низ тој храбар чекор. Дека низ простувањето ние не само што ги ослободуваме оние кои ни нанеле зло, туку се ослободуваме и себеси. За да можеме да продолжиме да живееме во радост и мир.

На крај, љубовта победува сѐ.

Трн: Дали процесот на пишување на книгата влијаеше на твојот емоционален и психолошки статус? Како се одрази на тебе?

Кирил: Да, како што споменав претходно, пишувањето на делото влијаеше многу силно врз мене. На самиот почеток беше тешко да зачекорам по минатото кое толку сакав да го заборавам. Но, да зачекориш во бурата, значи да ја совладаш.

Колку повеќе поминував низ добро познатите патеки од детството, толку повеќе се прегрнував себеси, малиот Кирил, и толку повеќе се лекував. Со секое испишано поглавје од мене се лупеше по еден слој на лажна радост и вистинска болка кои ме обвивале низ времето и просторот.

Секоја реченица беше нова катарза која преку молитвата и солзите уште повеќе засветуваше во мене. Емоционално ме преродуваше и психолошки ме воскреснуваше. За на крај да почувствувам одложен одговор на моето детско себство во битието на еден возрасен човек.

Одразот ми покажа како сега во мене конечно се амалгамираат малиот Кирил кој беше оставен во детството искалемен во мермерен затвор, со овој Кирил на кој му требаше тоа изгубено детство. Сега конечно, се чувствувам цел.

Трн: Очекуваш ли реакции од сите оние кои се споменати во книгата, особено оние кои треба да одговараат за најтешките дела?

Кирил: Моите очекувања се насочени единствено кон тоа ова дело да може да помогне некому. Моментот кога си простив себеси и ним, кога се ослободив себеси и ним и кога се излекував целосно, сфатив дека можам само молитвено да ги чувам сите. Само Бог може да суди.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни