Филип Ѓоргиев „Кеса на десет“– Акција со цел, не за слава

Млад скопски активист, Филип Георгиев, ја предизвикува урбаната апатија со еколошката иницијативата „Кеса на десет“

Во Скопје се случува тивка револуција – младиот ентузијаст Филип со својата иницијатива „Кеса на десет“ собира ѓубре од улиците. Формулата е едноставна: за секои 10 следачи на Instagram, една кеса со ѓубре помалку во градот. Но зад бројките се крие поголема приказна.

Во градот каде јавниот простор често се игнорира, а отпадот станува дел од секојдневието, млад активист и љубител на природата го менува наративот со едноставна формула: за секои 10 следачи – една кеса со ѓубре помалку.

Неговиот Instagram профил не е само дигитален дневник, туку и мапа на локации каде Скопје заборава на сопствениот естетски и еколошки идентитет. Името на иницијативата – „Кеса на десет“ – е само почетна точка на поширока визија.

-Моментот кога увидов дека ќе го правам ова не е само фактот дека луѓето фрлаат ѓубре на улица, туку и дека институциите не го чистат и тоа стои со месеци или години- вели Филип.

Овој млад еко-активист не чека дозвола, не бара етикета. Акцијата станува негово секојдневие, инспирација и лична одговорност. Неговите објави се сведоштво за градската негрижа, но и за отпорот кон апатијата.

Филип Георгиев

-Промената почнува од нас самите. Ние сме тие кои ја загадуваат природата, и ние сме тие што го фрлаат ѓубрето. Така што многу можеме да смениме – вели Филп.

На прашањето што го мотивира да продолжи и кога никој не гледа – одговорот е неочекувано ведар.

-Сите го гледаат- вели Филип.

-И кога го правам зад камера, доаѓаат луѓе и ми велат браво. Имам поддршка од фамилијата, од другарите – така да буквално сите го гледаат

Досега има над 20.000 следачи и собрано над 370 кеси со ѓубре. Но бројките не му се цел. Ниту сака титули.

-Јас не сакам никаква етикета. Сакам само да се смени свеста и да се крене културата кај народот. Да престанат да фрлаат ѓубре – објаснува тој.

Најфрапантните сцени, вели, не се тие каде се собира ѓубрето, туку тие каде никој па ниту институциите не реагираат.

-Ѓубрето што го собравме го ставивме организирано до контејнерите – многу лесно достапно за комунална хигиена. Но и по десетина дена, сè уште стои – вели Филип

Во градот каде некои го игнорираат проблемот, Филип не се обидува да биде херој, тој е глас кој вели: да го сакаме она што го делиме – заедничкиот простор. И со секоја нова кеса собрано ѓубре, градот станува малку посветол и поубав.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни