Во само 24 часа и по четири круга гласање, конклавата донесе изненадување: новиот папа е Американецот Роберт Франсис Превост, кој го доби потребното двотретинско мнозинство, надминувајќи ги првичните очекувања дека тоа ќе биде италијанскиот кардинал Пиетро Паролин.
Како што пренесува италијанскиот новинар Алберто Мелони за Corriere della Sera, на почетокот Паролин бил водечки кандидат со 49 гласа, но до попладневните часови, ситуацијата се променила во корист на Превост, кој наводно добил над 89 гласа.
Слично како при изборот на папата Франциск во 2013 година, клучна била динамиката во самата конклава. Дел од гласовите се пренасочиле од Паролин кон Превост, додека други дојдоа од кардинали кои првично поддржувале поконзервативни или пооддалечени кандидати. „Иронично, обидите да се наметне силен антибергоглијански правец ги ослабија шансите на тие токму такви кандидати“, забележува Мелони, додавајќи дека информациите треба да се земат со резерва.
Превост, кардинал од редот на августинците, го избра името Лав XIV, симболизирајќи продолжување на традицијата. Во своето прво обраќање изрази благодарност исклучиво кон папата Франциск – не поради функциите што му ги доделил, туку поради синодалниот процес што е веќе започнат во повеќе месни цркви, и кој тој решно планира да го продолжи.
Интересно, новиот папа иако е Американец, на своето прво јавно обраќање говореше на италијански и шпански – но не и на англиски. Сакајќи да покаже наднационален став, тој избегна да ја потенцира својата американска припадност, која во минатото би била пречка за ваков избор.
Папата Лав XIV. веќе во февруари ја бранеше позицијата на папата Франциск во јавна расправија со американски сенатор, при што остро ја критикуваше имиграциската политика на САД – уште еден сигнал дека новиот папа ќе продолжи по патот на умереност и социјална чувствителност.
Иако деталите од гласањето остануваат тајна, изборот на Превост јасно укажува на одлука за стабилност и континуитет, а не за радикални промени. Наместо да се дозволи поделба на Црквата, кардиналите избраа пат кој ќе ја води Петровата лаѓа напред, низ бурното море на историјата, без отстапување од курсот.