Јубилејното 20-то издание на АКТО фестивалот од 2 до 5 октомври во Скопје

Јубилејното, 20-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности ќе се случува од 2-ри до 5-ти октомври во киното на Железничката зграда во Скопје под тематската рамка „Како се прави“.

Во рамките на четиридневниот фестивал, кој е основан во 2006 година, и е еден од фестивалите во земјава што има најдолг континуитет на одржување, ќе се случуваат повеќе изложби, проекции, разговори и предавања, работилници и музички настани… Дел од фестивалот ќе бидат многу домашни но и странски гости како Зорица Милисавлевиќ – Милојковиќ (Урбани Оази, Белград), Борис Бакал (Фрлачи на сенки, Загреб), Давид Нил Морси и Кристин Лаз (Floating University, Берлин), ОПА (ЗаУМ архива), Славчо Димитров (Викенд на Гордоста, Скопје), Борис Бакал (Фрлачи на Сенки, Загреб), Кристина Леловац (фестивал Прво па женско, Скопје), Димитар Самарџиев (Бостание – општествена градина, Скопје), Виолета Качакова и Филип Тасевски (ЗЕМЈОТРЕС фестивал на независна музика), Пијан Славеј, група Сиз, група Трето колено и други.

Целата програма ќе биде концентрирана во новоотворената Лабораторија за просторно перформативни – практики Градот како сцена лоцирана во киното на Железничката зграда во Скопје а преднастанот ќе биде одбележан со предавање на архитектот Даниел Кунерт од Арх плус (ARCH+), водечкото германско списание од областите на архитектурата и урбанизмот, основано во 1967 година во духот на еманципаторско самопросветлување, и кое критички ги разгледува општествените аспирации на изградената средина во кварталните изданија.

– АКТО, од позиција на вонинституционален сектор, 20 години по ред создава простор за колективност и критичност, локална и интернационална соработка и место за споделување и дијалог. Осмислувањето на 20-тото, јубилејно издание на фестивалот, извади на површина една исклучително важна тема во локалниот контекст, а тоа се најразновидните предизвици, пречки, недоумици и двосмислености, но и предности во создавањето на една програма. Оттука произлезе и темата на годинешното издание – како се прави?, односно како настаните од културата се конципираат и се продуцираат, како се создаваат фестивалите, изложбите, перформансите во земјава, односно како се граделе и како се трансформирале фестивалските изданија и формати на АКТО, но и како се менувал и како се градел поширокиот вонинституционален контекст и неговата неминовна всаденост во општествено-политичките околности – велат од организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, кој стои позади организацијата на фестивалот.

АКТО 20 е фокусиран на „славење“ на слободната мисла и правото на користење на јавните простори, правото на создавање на мултидисциплинарни уметнички активности, вклучувајќи различни заедници, уметници, експерти и граѓани. Но, и на соработката и поддршката на млади автори и студенти и активно вложување во едукативни процеси.

АКТО изминативе четири години продуцираше неколку програмски и концепциски линии и платформи што во 20-тото издание ќе бидат во фокусот на работата. АКТО активно работеше на активирање на заедницата и просторот во киното на Железничката зграда (почна да работи таму во 2015 година) и ја формираше Лабораторија за просторно перформативни – практики Градот како сцена.

20-тото АКТО се отвори со мала тизер кампања со наслов ГОДИНИТЕ СЕ САМО БРОЈКА преку која организаторите порачуваат – Она што навистина се брои е истрајноста или потенцијалот да се издржи, да се продолжи, да се создава и тогаш кога контекстот (драстично) се менува.

Проектот 20. АКТО фестивал за современи уметности е поддржан од ГЕТЕ Институт Скопје во партнерство со водечкото германско списание во областа на архитектурата и урбанизмот ARCH + и Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија. Продукција: Лабораторија за просторно перформативни практики Градот како сцена во рамки на програмите на платформата за современа уметност и култура „Факултет за работи што не се учат“ – „АКТО фестивал за современи уметности“. Партнери на проектот Градот како сцена: еколошки иднини: ГЕТЕ ИНститут Скопје, ARCH +, Архитектонски факултет – УКИМ Скопје, ЗК/У-Берлин – Институт за уметност и урбанизам – Берлин, Пловечки универзитет – Берлин, Факултетско студентско собрание – Архитектонски факултет – УКИМ Скопје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни