Во четврток на 24 октомври во 20 часот, на Факултетот за ликовни уметности, во Сули ан, во Галерија „Драгутин Аврамовски-Гуте, ќе биде отворена изложбата “Со и без…“ на Марија Сотировска.
Проектот „Со и без“ на Марија Сотировска нуди плодна почва за феминистичко теоретска интерпретација, особено во тоа како се осврнува на често невидливите и потценетите аспекти на трудот – финансиски и емоционален – кои ги погодуваат жените во сеуште патријархално доминантните семејства на Балканот.
Концептот се базира врз наративот за жената не само како старател, туку како поединец оптоварен со макотрпната должност да се справува со финансиите со исклучителна прецизност, споредлива со онаа на сметководител. Нејзините одговорности, вклучуваат прецизно документирање на секој трошок и внимателно водење евиденција и книги (дневници) за да се поткрепат сите материјални издатоци пред нејзиниот сопруг, што алудира на застрашувачка финансиска и емоционална доминација. Низ повторливата концептуална демонстрација на докази, Сотировска ја нагласува разликата во моќта во семејството, при што финансиските придонеси на жената се преиспитуваат и нејзината автономија е загрозена.
Проектот не се концентрира на единствена приказна; Наместо тоа, тој се расплетува низ повеќе уникатни приказни, од кои секоја испитува различни аспекти на оваа врска. Преку интеграцијата на бројни лични наративи, уметникот нагласува дека ова не е изолиран инцидент, туку систематско прашање кое влијае на многу жени. Секој наратив служи како доказ за големата распространетост на оваа форма на контрола, бидејќи жените се ограничени од невидените, но сепак сеприсутни очекувања на патријархалните стандарди.
Делата, со преклопување на дневници и архиви, го нагласуваат посебниот карактер на овие искуства додека истовремено се соочуваат со поголемите, универзални проблеми на родовата нееднаквост и економската зависност.
Инсталацијата се протега низ четири меѓусебно поврзани простори, вклучувајќи ги низ делото аспектите на рутината, финансиските притисоци, емоционалниот труд и неискажаните, но сепак опипливи циклуси кои го обликуваат човечкото искуство. Секој елемент во инсталацијата се надоврзува на претходниот, не наративно, туку сукцесивно (иако секој сегмент егзистира и како микро наратив) нудејќи ѝ на публиката слоевито, мултисензорно потопување во интимните сложености на живеењето.
Во првиот простор, се соочувуме со празни линии формирани од црни дрвени греди кои симболизираат „празен лист“ или потенцијал за изнесување, пишување, но овој потенцијал ги одразува и општествените очекувања поставени врз жените. Феминистичките теоретичари како Симон де Бовоар (Simone de Beauvoir) долго време ja истражуваат идејата (концептот) на жените подредени во улога на пасивност или чекање, позиционирани како „други“ кои се дефинирани од општествените структури, а не од нивните сопствени желби. Празното место во зададените редови, значи, не само можност (што е индивидуална желба), туку алудира и на општествениот притисок врз жените постојано да серемоделираат како одговор на надворешните барања. Потенцијалот да се пополнат овие празни места е паралелен со начинот на кој жените често се очекува да преземат нови улоги – старател, домаќинка, работничка – без да бидат целосно признаени или ценети за овој труд.
Во втората просторија се предадени сегменти од „финансискиот дневник“ кој експлицитно се занимава со парите како форма на невидлив труд. Феминистичката економија, особено работата на научниците како Силвија Федеричи (Silvia Federici) и Ненси Фолбре (Nancy Folbre), критикува како капиталистичките системи често ги обезвреднуваат придонесите на жените и во неплатен и во недоволно платен облик на труд, како што се грижата, домашната работа и емоционалната поддршка. Употребата на дрвени греди од страна на Сотировска за да ја претстави „книгата на трошоците“ суптилно ја критикува родовата динамика на финансиската одговорност. Вдлабнатите и испечатените белешки на гредите ја одразуваат тивката, непризнаена природа на финансиските придонеси на жените – било да управуваат со буџетот на домаќинството, да прават жртви или да вршат неплатена домашна работа. Деликатните, речиси невидливи натписи на гредите визуелизираат како економската улога на жените честопати останува незабележана, иако е основна за одржување на животот.
Материјалот – дрвени греди, кои уметницата ги користи во овие две простории, се градежни елементи сами по себе и се симбол на машкиот принцип, структура или „систем“ кој ги одредува границите и ги поставува стартните параметри.
Третата соба, со својот оптички манипулиран, спирален цртеж, може да се толкува низ феминистичкиот објектив како визуелна метафора за циклусите на грижа и домашна работа во кои многу жени се наоѓаат заробени. Овие монотони кругови, кои се повторуваат, заедно со хартијата врз која се изведени, а која се протега и по ѕидот и подот, ја рефлектираат сизифовската природа на родовата работа, која честопати е повторувачка, исцрпувачка и потценета. Феминистичките теоретичари како Адриен Рич (Adrienne Rich) и Бел Хукс (Bell Hooks) пишуваа за непризнаената работа што жените ја прават за одржување на домаќинствата и грижата за другите, труд кој е и невидлив и бесконечен. Црната позадина исполнета со бројки дополнително го нагласува ова постојано пресметување – на време, напор и емоционален труд – што од жените се бара да го извршат, често со мало признание или награда. На овој начин, инсталацијата ги критикува невидливите структури на патријархатот кои ги ограничуваат жените на циклични, бескрајни задачи.
Последната просторија, со својот проѕирен текстил и извезената фраза „за мир во куќата“, се дуплира „проектирајќи“ сè како сенка врз ѕидот пред кој е поставено платното, директно зборува за феминистичката загриженост за емоционалниот труд. Оваа соба визуелно ја претставува невидената, но сепак суштинска, емоционална работа за која жените често се одговорни во домашната сфера.
Натписот сугерира дека придонесот на жените за одржување на мирот и хармонијата во домаќинството – преку емоционален труд, компромиси и негување – се неопходни, но честопати остануваат незабележани.
Феминистичките теоретичари како Арли Хохшилд (Arli Hochschild) истражиле како емоционалниот труд е претежно извршуван од жените, од кои се очекува да управуваат не само со сопствените емоции, туку и со оние на нивните семејства и партнери. Транспарентноста на текстилот ја симболизира невидливоста на овој труд, додека неговото присуство растегнато низ просторијата нагласува колку тој е основа за структурата на домаќинството. Текстилот и везењето како материјали или медиум за пренесување на идејата, алудираат на женските занаети и принципи. Проектот е звучно потхранет со аудио инсталација која дава дополнителен слој на феминистичката интерпретација. Фрагментираната природа на звуците го одразува интернализираниот емоционален и ментален товар што жените често го носат, дури и додека ги извршуваат своите јавни или домашни улоги.
Овие мисли и чувства се потсетник на психолошкиот данок на родовите очекувања и како, внатрешните животи на жените се исполнети со неискажани вознемирености, емоционални преговори и потиснати желби, а сето тоа се прави нечујно од барањата на нивните видливи улоги во општеството.
Во целост, „Со и без“ на Сотировска може да се гледа како феминистичка критика на невидливите структури кои ги дефинираат животите на жените.
Со тоа што ги прави видливи линиите, циклусите и невидливите натписи што ги структурираат просторите на инсталацијата, таа ги поканува гледачите да размислат како истите тие сили дејствуваат во животот на жените, често незабележано и непризнаено.
Инсталацијата се усогласува со целта на феминистичката теорија за разоткривање и предизвикување на скриената динамика на моќта, трудот и емоционалниот товар што непропорционално влијае на жените и во јавната и во приватната сфера, вели Д-р Ана Франговска, куратор на изложбата.