Изложба на МСУ – Скопје: „Желбата можеби е, би можела да биде, како што секогаш е, блиску до љубовта“

Музејот на современата уметност – Скопје, Министерство за култура и туризам на РС Македонија и Министерството за надворешни работи на РС Македонија имаат особена чест да Ве поканат на свеченото отворање на изложбата „Желбата можеби е, би можела да биде, како што секогаш е, блиску до љубовта”, во рамките на одбележувањето на 30 години соработка помеѓу САД и нашата земја.

Желбата можеби е, би можела да биде, како што секогаш е, блиску до љубовта.
Архивски асемблаж и интервенција на Кумјана Новакова.

Отворање 10 септември, 19 часот
10.09. – 26.10. 2025

Ова е обид да се евоцира можноста дека секоја колекција можеби е, би можела да биде, како што секогаш е – бесконечна. Како што и секое отсуство, изоставање и бришење во рамките на една колекција не е ништо друго туку присуство.

Преку прибирање на архивското, на (не)видливите елементи од оваа наша колекција и на можните и невозможните искуства и врски, ова е прибирање на нашите многубројни можни мината.

Минато, или попрецизно, минатост што би можела да биде, минатост која ѝ е можеби потребна, и на која нашата жива сегашност можеби се надева.

Замислена во форма на белешки кон невидлива колекција од желби, како уметничко истражување на можното, ова е само една од многуте замисливи архивски и документарни интервенции во видливата и невидливата колекција на МСУ-Скопје.

Оваа интервенција предлага спекулативен поглед на историјата на колекцијата на Музејот, првично реагирајќи на присуството на американските и на авторите и авторките со седиште во САД, како и на потенцијалните врски помеѓу уметничките простори на САД и прво Југославија, а потоа и Северна Македонија, со цел критички да се осврне на просторите на создавање и да отвори можности да многубројните мината се третираат како отворени (не)режими.

Изложбата обединува архиви, дела и размисли на Сараи Шерман, Џаспер Џонс, Ен Черноу, Бурт Черноу, Кристо Јавашев, Метка Крашовец, Тадеуш Мисловски, Луис Камницер, Џеф Расел, Петар Хаџи Бошков, Роберт Јанкулоски, Дуња Иванишевиќ, Роланд Балади, Дијана Томпсон, Кумјана Новакова.

Благодарни сме за знаењето и работата на сите познати и непознати уметници, писатели, научници, активисти и сите други културни работници, без кои би било невозможно да се истражат и активираат сите мноштва од кои учиме.

Изложбата ја реализира Музејот на современата уметност – Скопје, со поддршка на Министерство за култура и туризам на РС Македонија и Амбасадата на Соединетите американски држави во РС Македонија. Во нејзината реализација великодушно придонесоа Државниот архив на Република Северна Македонија, Кинотеката на Република Северна Македонија, Националната академија за дизајн, САД.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни