Во сабота во 20:00 часот вок културниот центар „Култ“ во Охрид ќе се случи отворање на изложбата на фотографии на Наташа Гелева насловена ,,Состојбата на нештата“. Оваа изложба е серија од околу 30-тина фотографии во формат 30х45 цм, која веќе беше претставена во Струга. По неа, во 21 часот ќе се одржи проекција на филм од режисерот Јане Аптипармаков.
За изложбата, Сашо Насковски вели: ,,Понекогаш се чини дека уметникот следи една тема во текот на својот живот и таа се манифестира во различни форми. Понекогаш треба време да се сфати главната тема на уметничкиот интерес. Така гледајќи ги од оваа перспектива изложбите „Елегија за старата железничка“, „Хомо натура- хомо технологикус“, „Излишно“, видеото „И фабриките имаат душа, заедничката тема што се провлекува низ сите нив е смртноста, ефемерноста, ранливоста, емпатијата кон она што е отфрлено, кон другото, искористено, на маргините, деструктивната сила на конзумеризмот. Формата се менува, дали е тоа една зграда, или повеќе напуштени објекти, луѓе на работ на општеството, отпад, загубени или фрлени играчки и сега во новата серија „Возила“, тоа се само потсетници на нашата минливост.”
Во 21:00 часот, по отворањето на изложбата ќе се случи проекција на филмот „The Hip-Brainstorm“ од режисерот Јане Алтипармаков. Филмот претставува продолжение, своевидно документарно надополнување на долгометражното ДВД-видео издание The Hip-Reality Overdrive. Долгометражниот видео/филм е во режија и продукција на Јане Алтипармаков, автор на оригиналната идеја е Љубиша Петрушевски. Продуцент и монтажер е Михаил Димитров, звучниот дизајн е на Валентин Видовиќ. Директор на фотографија е Наташа Гелева, снимател е Ања Илиева. На монтажата работеа и Зоран Чаневски и Димитар Илиевски.
Во филмот се појавуваат: Васко Атанасовски (Бернајс Пропаганда, Балкан Велики), Toшо Филиповски – автор на првата сеопфатна македонска рок енциклопедија, Саша Павловиќ (Suns), Ивица Димитриевиќ (SIZ), Мирко Попов (PMG Kolektiv), Костадин Шурбановски (Канал 103), Сеад Хаџиќ (Last Expedition, Mooger Fooger), членови на групатa The Hip, Morbid Joker, Музичка Младина. Во филмов ексклузивно се измонтирани архивски снимки од настапите на Електрични Оргазам, Екатарина Велика, легендарните Nirvana, Psychic TV, Buzzcocks, Sonic Youth, Young Gods.
Долгометражниот музичко-документарен проект THE HIP-BRAINSTORM e добитник на специјалната награда за музички филм на манифестацијата МАН-МАКЕДОНСКИ АЛТЕРНАТИВНИ НАГРАДИ. Филмот се здоби и со позитвни критики и осврти во културната јавност. Поетесата и ликовна уметница Будимка Поповска во нејзиниот осврт на порталот ОКНО го оцени филмот како документаристичко ремек-дело.
See less