Италија потврди две смртни случаи и најмалку 32 случаи за заболени од Западнонилска треска во 2025 година, во период кога се бележи пораст на оваа болест во јужна Европа ова лето.Вирусот Западен Нил најчесто се пренесува преку каснување од заразени комарци, особено во потоплите летни месеци. И Грција и Италија годинава пријавија случаи кај луѓе.
Најголемиот број на италијански случаи на западнонилска треска досега се регистрирани во покраината Латина, во регионот Лацио, околу 100 километри јужно од Рим.
Националниот институт за јавно здравје на Италија (ISS) ги објави случаите во неделниот извештај во четвртокот, нагласувајќи дека „епидемиолошкиот тренд е сличен со оној од претходните години“, но дека географската распределба на вирусот е значително различна.
Вирусот, кој предизвикува висока температура и осип, е исто така регистриран во Пиемонт, Венето, Емилија-Ромања и Кампања. Досега се потврдени две смртни случаи – едниот во градот Фонди, а другиот во покраината Новара
„Западнонилскиот вирус е ендемичен во нашата земја веќе неколку години“, изјави Ана Тереза Палмара, директорка на Одделот за заразни болести при ISS, додавајќи дека се преземени мерки за спречување на неговото ширење.
„Да потсетиме дека 80% од инфекциите со вирусот Западен Нил се асимптоматски, а ризикот од сериозни последици е поголем кај најранливите групи“, додаде таа.
Регионот Лацио потврди 12 нови случаи во четвртокот, по тестирања извршени во Националниот институт за инфективни болести „Лазаро Спаланцани“ – специјализирана болница за заразни болести во Рим.
Според ISS, Западнонилска треска припаѓа на семејството вируси Flaviviridae и првпат е изолирана во 1937 година во областа Западен Нил во Уганда.
Природни резервоари на вирусот се дивите птици и комарците, особено од видот Culex, чии каснувања претставуваат главен начин на пренос кај луѓето. Не постои ризик од пренос од човек на човек.