Српскиот Институт за општествени науки спровел истражување на јавното мислење за студентските и граѓанските протести во државата при што е констатирано дека „повеќе од 70 отсто од испитаниците не гледаат решение во актерите кои се власт или опозиција“. Тоа во изјава за ТВ Н1 го нагласи Невена Новаковиќ од тој институт, јави дописникот на МИА од Белград.
„Алармантно е на многу нивоа што немаме актер на кој му се верува, немаме актер на кој би му ја довериле власта, а во исто време имаме општетсвена криза што мора да се реши“, изјави таа.
Новаковиќ додаде дека според истражувањето опозицијата има поддршка од околу 20 отсто, а власта околу 6-7 отсто анкетирани.
Таа објасни и дека сите граѓани кои учествувале во истражувањето го гледаат како огромен проблем – проблемот со корупцијата, социјалната неправда, континуираните поскапувања и проблемите во образовниот систем.
„Разликата е во тоа што оние што не ги поддржуваат протестите, ги гледаат протестите како проблем. Протестите се единствената разлика меѓу двете групи, другите прашања беа нијанси“, рече таа.
Новаковиќ изјави дека и граѓаните кои не ги поддржуваат протестите го препознаваат проблемот со работата на институциите, односно дека имаат недоверба во нивната работа.
„Најинтересниот факт е дека имаме општество на кое сите гледаме на ист начин и ги препознаваме истите проблеми, сепак – како да живееме во паралелни реалности во однос на тие проблеми и општествената реалност“.
Таа посочи и дека резултатите од истражувањето покажале дека оние кои ги поддржуваат протестите се во најголема мера активни учесници.
„Повеќе од 72 отсто од нашите испитаници учествуваат физички во протестите, на различни начини – со потпишување петиции, донирање на факултетите. Додека оние што не поддржуваат, решението го гледаат во крајот на блокадите и во дијалогот со владините структури“, рече таа и додаде дека дел од нив како решение го гледаат распишувањето нови парламентарни избори.
„Особено е интересно што имаме група луѓе кои не ги поддржуваат протестите и кои во исто време немаат доверба во институциите“
Таа додаде дека „би било неверојатно некој да има недоверба во институциите и да ја признва корупцијата, а во исто време да верува во одржување избори и дијалог со властите“.
Доколку сега се одржат избори во Србија според неа – „излезноста би била исклучително ниска. Проблемот на младите што не излегуваат на избори не е поради незаинтересираност, туку поради недостиг на политички опции. Сепак, тоа не е само проблем за младите туку и за голем број луѓе со оглед дека има голем процент (71-72 отсто) со недоверба во двете опции“.