Научниците следеле промени кај човечки матични клетки за време на четири мисии на Меѓународната вселенска станица (ISS), користејќи вештачка интелигенција за реално време да го набљудуваат нивното однесување.
„Вселената е крајниот стрес-тест за човечкото тело,“ изјави д-р Катриона Џејмисон, директорка на Институтот за матични клетки „Санфорд“ при Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего, и коавтор на студијата.
Истражувањето открило дека хематопоетските матични и претходни клетки (HSPCs), кои се клучни за производството на крв и функционирањето на имунолошкиот систем, по престој од 32 до 45 дена во вселената почнале да покажуваат оштетувања на ДНК и скратување на теломерите – молекуларни маркери на стареење.
Добрата вест е дека дел од овие промени почнале да се повлекуваат кога клетките биле вратени во поповолна средина на Земјата, според објавата во списанието Cell Stem Cell.
Научниците нагласуваат дека ваквите наоди се клучни за заштита на здравјето на астронаутите при идни долгорочни мисии, но исто така даваат увид и во процесите на стареење и болести како ракот на Земјата.
„Ова знаење е суштинско додека влегуваме во нова ера на комерцијални вселенски патувања и истражувања во орбитата околу Земјата,“ истакна Џејмисон.
Извор:Euronews