Ираклија ги открива легендите за градот Охрид

Градот Охрид, изминатиот викенд, беше преполн од туристи, домашни и странски, кои одново и одново се вљубуваа во магијата на македонскиот бисер меѓу градовите.

Чаршијата, шеталиштето и кејот беа полни со луѓе кои едвај се разминуваа. Градот нуди забава за сите возрасти и како што велат мештаните, во Охрид никогаш не може да ти е досадно.

Градот со 365 цркви, со голем број споменици на културата, со прекрасни охридски специјалитети, преубави плажи и кристално чиста вода може да се носи рамо до рамо со европските туристички центри.

Фантастичниот спој на убавината и историјата на едно место, го чинат Охрид едно од ретките места на кои можете да се препуштите на целосно уживање. Овој бајковит град е сместен на истоименото езеро и оправдано претставува мета на туристи од целиот свет.

Веќе десетина години капетанот Ираклија, кој потекнува од старо рибарско охридско семејство, вози бротче и на туристите им раскажува најубави легенди и историски факти за градот.

Легендите постојат за да ни го раскажат она што историјата го заборавила.

На почетокот од возењето ни кажа дека Охрид изворно се наоѓал само над ридот, Калето, се околу е подоцна изградено со чест на некои исклучоци. Ги посочи двете најголеми куќи од најбогатите семејства Робевци и Чорбевци кои градот ги заштитил како споменици на културата.

Во подножјето на ридот има остатоци од самиците, до остатоците од Самиловата тврдина, во близина на Долни Сарај.

Следува мостот на желбите, кој е дел од поновата историја на градот, но сепак доволно интересна. Мостот премостува дел од крајбрежниот дел на Охридското Езеро и го спојува центарот на Охрид со еден од најубавиот и најатрактивниот дел на градот, Потпеш и Канео.

Мостот е изграден како потреба за да се скрати патот до Црквата Св. Јован Канео од самиот центар и наместо пат од 1,5 километри колку што треба да се помине преку стариот дел на градот за да се стигне до црквата, сега преку овој мост се потреби само 140 метри колку што е долг мостот.


На самиот мост има 12 хороскопски знаци. И според името кое му е дадено на мостот, потребно е да се застане на еден од нив, односно на својот хороскопски знак да се погледне кон езерото према Манастирот Свети Наум и да се замисли желба.

„Целиот стар дел лежи на тврдината. Ова се што гледате околу е новоизградено, по војната најмногу. Над местото Канео има доста стари куќи со рибарски фамилии.“

Околу плажите Ираклија ни посочи дека број еден плажи се Славија и Љубаниште ако сакате големи плажи, ако сакате мали плажи, како заливи има кај Националниот парк и до нив се стигнува само со кајче и глисер. Тие плажи најчесто биле посетувани од богатите кои стигнувале со јахти до овие плажи. А доколку сакате забава и добра музика тој ја препорача плажата Оревче која се отвори викендов.

Најголеми туристички атракции се црквата Свети Јован Канео, која го има најубавиот поглед и Самоиловата тврдина која во себе има вткаено историја од близу 25 века.

Ираклија во сезона прави околу двеста тури и вели: „Јас бев прв што ги донесе овие тури во Охрид, на почетокот правев по 5-6 возења дневно, а сега по 2-3 доволно се. Бротчето се вика Sharky затоа што е единствен со прамец, а сите други се заоблени.“

Тој низ разговорот се пофали дека неодамна, поточно минатата недела го возел претседателот Стево Пендаровски, а од странските туристи е најзадоволен заради големите бакшиши кои ги оставаат.

Годинава има доста Турци заради новиот филм „Врати се Румелија“, кој предизвикал интерес кај гледачите. Филмот е сниман во Битола и Охрид.

Охрид е град на рид. Претходно се викал Лихнидос, ама кога дошле Словените го крстиле Охрид, како извик кога самуиловите војници го качувале ридот за да се качат на тврдината, ох риде!

Уште една легенда која ни ја раскажа Ираклија е околу вчерашниот празник Свети Наум.

„Секогаш зад празникот, после празникот езерото си зима по една жртва. Времето обично бива многу лошо, што е знак да не се капат, капачите во езерото. Ние мештаните, така и сме растени, за Свети Наум никако во езерото. Вчера една жртва отиде, само во делот на Албанија, кај Поградец.

Вчерашниот ден осамна како тмурен и врнежлив во Охрид, што на некој начин ја навестуваше волјата на Свети Наум, да нема капачи во езерото.

Нашиот градски раскажувач Ираклија е петта генерација од семејството, кој го продожува рибарскиот занает а, како капетан е прв и се надева дека и во тоа ќе го наследат.

Овие рибари се дел од историјата на градот кои неуморно ја раскажуваат и прераскажуваат на сите љубопитни добронамерници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни