Министерството за култура и туризам излезе со реакција во врска со оштетувањата на споменик на културата на ул. „Браќа Миладиновци“ бр. 16 во Струга, и информира дeка стручните лица при НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид веднаш извршиле увид на рушењето на куќата на познатиот писател Владо Малески, кој се наоѓа во Првата зона на Струга, со посебен режим на заштита согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план 2020–2029.
„При увидот се констатирани значителни оштетувања– рушење на јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција, настанати при ископ за изградба на соседен објект. НУ Завод и музеј – Охрид го достави наодот и предлогот до Управата за заштита на културното наследство – Скопје за натамошно постапување. Инспекциската служба при УЗКН ќе постапи согласно своите надлежности, со цел заштита и зачувување на вредностите на овој споменик на културата заштитен со Решение на Управата за заштита на културното наследство од 2017 година“ се вели во реакцијата на Министерството за култура и туризам.
Од таму остро реагираат на секое неодговорно и несовесно постапување што доведува до оштетување на заштитени објекти и апелира до сите инвеститори и граѓани да се придржуваат кон законските процедури и кон условите за заштита на културното наследство, кое претставува непроценливо богатство на нашата држава.
Објектот попладнево е делумно срушен, што предизвика силни реакции во јавноста и меѓу културните работници.
До сега, не се познати детали кој и зошто ја сруши куќата, како и степенот на нејзината заштита и дали воопшто била заштитени, но граѓаните на Струга на социјалните мрежи изразуваат револт и бараат одговорност за овој чин.
Малески е авторот на текстот на македонската химна „Денес над Македонија се раѓа“, а неговата куќа, стружани со децении ја сметаат за значајно културно наследство на градот.
Владо Малески е роден во Струга, на 5 септември 1919 година. Основно образование завршил во Скадар, Албанија, а гимназија во Битола. Студирал на Правниот факултет во Белград, но поради избувнувањето на Втората светска војна ги прекинал студиите. Бил учесник во НОБ на Македонија како еден од организаторите на партизанското движење во струшкиот крај. По завршувањето на војната бил директор на Радио Скопје и уредник на списанијата „Нов ден“, „Современост“ и „Разгледи“. Исто така, работел во дипломатската служба, како амбасадор во Либан, Етиопија и Полска, а бил и член на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија. Стана член на Друштвото на писателите на Македонија во 1946 година