Скалите на ЛЕГО коцките – јазикот што го разбираат сите

Пластичните LEGO коцки, како производ, се патентирани во 1958 година и од тогаш до денес ништо не е променето кај нив. LEGO коцките се достапни во 53 вида на бои, а во продавниците на мало, ширум светот, во просек се продаваат по седум комплети LEGO фигурини секоја секунда, а ако фигурините LEGO беа луѓе, тие би биле најбројната популација во светот.

Иако нема да го најдете во ниту еден речник, LEGO коцките имаат свој јазик кој го разбираат сите. Ако се сомневате дека тоа е така соберете луѓе кои зборуваат различни јазици во просторија во која има LEGO коцки. За кусо време ќе видите како тие комуницираат без употреба на зборови туку преку формите и боите на самите играчки.

Но, ајде да се навратиме низ времето…

Историјата на овој бренд започнува во 1932 година кога Оле Кирк Кристијансен основал компанија за производство на дрвени производи, во родната Данска. Основната дејност на производство биле даски за пеглање и дрвени скали.

Големата финансиска криза од 30-тите влијаела на сите бизниси, а тоа резултирало со намалена побарувачка на производи. Единствено продажбата на детски играчки не претрпела загуби. Токму таквите случувања го создадоа првите дрвени LEGO коцки.

Зборот LEGO потекнува од два дански зборови „leg“ и „godt“ што заедно значат „добра игра“. Неколку години по создавањето на првите коцки што се поврзуваат Оле дознал дека LEGO на латински значи „составување“ што, неплански, се покажало како добар маркетиншки погодок.

На почетокот компанијата имала седум столари кои со голем ентузијазам гледале на новите производи. Но, не одело се како што замислиле. Во 1940 година се случил пожар во тогашната работилница. Сепак не се откажале, туку и во тие моменти дошле до добра идеја. По пожарот Оле и неговиот син Готферд се решиле на радикален чекор, повеќе да не се занимаваат со производство на дрвени предмети туку да се насочат кон креирање пластични детски коцки наменети за британскиот пазар.

Пластичните LEGO коцки, како производ, се патентирани во 1958 година и од тогаш до денес ништо не е променето кај нив.

Ако денес наидете на коцка што е произведена во таа година совршено би се вклопила во сетот кој сте го купиле наодамна. Исто така и коцките произведени во 1963 година соодветствуваат со денешните, само што тие се првите примероци кои биле изработени од ABS нетоксична пластика, која не го менува обликот и бојата дури и по 40 години.

Она што значително влијаеше LEGO да стане бренд што луѓето навистина го сакаат е нивниот бизнис концепт за соработка со клиентите. Новите производи, посочуваат од компанијата, и некогаш и денес се развиваат само по детално испитување на потребите и желбите на потрошувачите. Резултатот од ваквите соработки е еден од најуспешните и најпродаваните производи на LEGO – возот со целиот сет.

Љубовта помеѓу LEGО и неговите обожаватели од секогаш била феномен. Иако LEGO коцките никогаш не биле најевтината детска играчка тоа не влијаело овој бренд да стане еден од најомилените не само меѓу децата, туку и кај возрасните.

Прв Legoland парк

На седми јуни 1986 година е отворен првиот Legoland парк на површина од 59 хектари кој ги задоволувал желбите на сите фанови на овој бренд. Доказ за тоа колку приврзаници имал LEGO, во тоа време, говорат и бројките. 625 илјади луѓе го посетиле паркот и тоа само во првата сезона по отворањето.

Во 1980 година, дел од верната „војска“ изгради кула од LEGO коцки со височина од 13,1 метар. Оттогаш до денес, секое наредно градежно достигнување со коцки ги засенува претходните и постојано докажува колку LEGO е сакан бренд.

Кон крајот на 90-тите беше изградена кула висока 24,88 метри, која влезе во Гинисовата книга на рекорди, а во 2008 година беше изградена уште една, во забавниот парк Legoland Виндзор, со висина од 30,48 метри. За таквата кула употребени биле половина милион коцки.

Најновиот Гинисов рекорд е поставен во јуни 2015 година во Милано, со кула висока 35 метри. Но, тука секако не е крајот на ваквите достигнувања.

Како се создадени LEGO фигурите?

LEGO фигурите се создадени наменски за Легоград. Тогаш се донела и одлуката сите фигури да бидат во жолта боја и задолжително да имаат насмевка на лицето. Сепак исклучок од тоа правило настанало кога се изработувале фигурите за пиратите. Тие се претставени како лути, тажни, но и задоволни.

Првите фигури со боја на човечка кожа се направени за сетот „Војна на ѕвездите“. Денес постои само едно правило, а тоа е дека сите фигури мора да имаат жолта „кожа“ за разлика од екранизираните верзии во кои фигурите имаат месо боја.

Занимливи, но помалку познати факти за LEGO коцките:

-Доволни се само шест коцки за да направите 915 милиони различни комбинации.

-На секои 12 секунди се произведува по една нова LEGO коцка. Во 1976 година, тим дизајнери на LEGO за прв пат ги трансформираа LEGO коцките во човечки прототип, па мини фигурата во форма на човек набрзо стана заштитен знак на целата компанија. LEGO коцките се достапни во 53 вида на бои, а во продавниците на мало ширум светот во просек се продаваат по седум комплети LEGO фигурини секоја секунда, а ако фигурините LEGO беа луѓе, тие ќе беа најбројната популација во светот.

-Целата куќа е изградена само од LEGO коцки. Во 2009 година, Џејмс Меј од Велика Британија ја изгради првата куќа од LEGO коцки. За изградба на куќата се употребени 3,3 милиони LEGO коцки, а куќата содржи и функционален туш и тоалет, кои исто така се направени од LEGO коцки.

-Уметниците прават скулптури од LEGO коцки. Првиот уметник кој почна да користи LEGO коцки беше Нејтан Савеј, а изложбата ја именува како „Уметноста на тулите“.

-Од LEGO коцки е направен и печатач на Брајово писмо. Во 2014 година, 12-годишен гениј од Калифорнија го искористил комплетот LEGO MindstormsEV3 и создал функционален печатач на Брајово писмо. Откако видел леток за помош на слепите луѓе, Шубам Банерџи решил да ги преземе работите во свои раце. Користејќи LEGO комплет од 350 долари, тој создал прототип на печатач кој се продава за приближно 2.000 долари.

-„Таџ Махал“ од LEGO коцки. Таџ Махал – индиската гробница на вечната љубов има своја LEGO реплика. За изградбата на таквото дело се употребени 5.922 LEGO парчиња.

И покрај интензивната конкуренција во индустријата за играчки, LEGO успеа да остане интересен за разни генерации од ширум светот. Според тоа што мотото на компанијата е „Само најдоброто е доволно добро!” фановите очекуваат и во иднина уште повеќе иновации од LEGO.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни