Едно британско истражување покажа дека речиси половина од испитаниците млади луѓе би претпочитале да пораснат без интернет, додека мнозинството ја поддржува идејата за полициски час за социјалните мрежи. Што се крие зад ова?
„The Offline Club“ на Instagram има речиси 530.000 следбеници. Ова звучи речиси иронично, бидејќи „The Offline Club“ промовира свесно оддалечување од социјалните мрежи – вклучително и Instagram.
„Размени време пред екран за вистинско време“ е слоганот на тројцата холандски основачи на клубот: Иља Кнепелхаут, Јорди ван Бенеком и Валентејн Клок.
Нивната цел е преку „The Offline Club“ да ги поврзат луѓето со самите себе и со другите, преку вистински, офлајн заедници и искуства.
Во изминатата година, тие организираа средби на кои смартфони и лаптопи беа забранети. „Дали си подготвен/а да се откажеш од телефонот?“ – прашуваат во закачено видео на Instagram.
Се чини дека сè повеќе луѓе се подготвени да го остават телефонот – барем за време на овие организирани настани.
Наместо да ги вадат телефоните, учесниците читаат, играат игри, се занимаваат со уметност или едноставно се релаксираат неколку часа. Дел од работилниците, наречени Digital Detox Retreats, траат и по неколку дена.
„Го замислуваме светот како место каде што простори без телефони и офлајн заедници се норма“, велат основачите на нивната веб-страница.
Холандскиот концепт брзо се прошири глобално. Прво започна во Амстердам, потоа Лондон, Париз, Милано и Копенхаген.
И Берлин е меѓу градовите кои веќе имаат вакви собири. Сè повеќе ресторани и клубови бараат од гостите да ги остават телефоните дома.
Сè повеќе луѓе сакаат да го намалат времето поминато онлајн
Очигледно е дека тројцата холандски основачи погодиле сензитивна тема. Имено, многу млади луѓе тешко се откажуваат од смартфоните, и покрај тоа што имаат опции за ограничување на нивната употреба.
Дури и враќањето на „досадните телефони“ – уреди без апликации – не успеа сериозно да ги истисне смартфоните, иако се популаризирани на социјалните мрежи.
Според податоците на германската индустриска асоцијација Bitkom од крајот на 2024 година, лицата од 16 до 29 години трошат во просек повеќе од три часа дневно на нивните смартфони – највисока вредност споредено со другите возрасни групи, а веројатно и потценета.
Сепак, голем број млади изразуваат желба да го намалат времето поминато на смартфоните.
Според ново истражување на British Standards Institution, речиси 70% од испитаните 1.293 млади од 16 до 21 година изјавиле дека се чувствуваат полошо по користење на социјални мрежи. Половина од нив би поддржале „дигитален полициски час“ кој би го ограничил пристапот до одредени апликации по 22 часот. Околу 46% дури изјавиле дека би сакале да пораснале во свет без интернет.
Овие резултати се поклопуваат и со анкета спроведена од американскиот институт Harris Poll кон крајот на 2024 година. Многу млади таму изјавиле дека посакуваат TikTok, Instagram или X (поранешен Twitter) никогаш да не биле измислени.
Политички иницијативи
Британскиот министер за технологија, Питер Кајл, неодамна најави дека се размислува за воведување на задолжителни дигитални полициски часови, според The Guardian.
Норвешка сака да ја зголеми минималната возраст за користење социјални мрежи од 13 на 15 години.
Австралија, како глобален пионер, веќе ја зголеми границата на 16 години кон крајот на 2024. Данска речиси целосно ги забрани таблетите и смартфоните во училишните дворови. Данскиот министер за образование Матијас Тесфаје тогаш изјави дека земјата била „наивна“ во односот кон дигитализацијата.
Штетни ефекти од прекумерната употреба на смартфони
Прекумерната употреба на смартфони се поврзува со различни ментални здравствени проблеми како депресија, анксиозност, стрес, нарушувања во спиењето и зависност.
Студија објавена во списанието BMC Medicine оваа година покажа дека депресивните симптоми се намалиле за 27% по три недели со намалена употреба на смартфон.
Според Организацијата за економска соработка и развој (OECD), менталното здравје на младите драстично се влошило во последните 15 години. Овој тренд дополнително се влошил за време на пандемијата на COVID-19, кога дигиталните медиуми добиле уште поголема улога. Сепак, OECD посочува дека досега не е докажана директна поврзаност помеѓу овие два фактори.
The Offline Club има план да ги прошири своите активности. Сѐ повеќе офлајн настани се одржуваат низ различни градови.
Во почетокот на април, над 1.000 луѓе ги исклучиле телефоните и насмеани погледнале кон камерата – во Лондон. Нов рекорд, гордо изјавија „офлајн инфлуенсерите“ – на Instagram, се разбира.