„Хомер се враќа“: Најавен е вториот филм на „Симпсонови“

По речиси 20 години, „Симпсонови“ добиваат продолжение! 20th Century Studios го најави новиот филм за јули 2027. – со порака: „Хомер се враќа по уште!“

Речиси две децении по премиерата на филмот „Симпсонови“, кој беше базиран на легендарната анимирана серија, се подготвува неговото продолжение.

Компанијата 20th Century Studios потврди дека новиот филм ќе пристигне во кино салите на 23 јули 2027 година. На постерот што беше објавен на Инстаграм се гледа познатата крофна, заедно со слоганот: „Хомер се враќа по уште“.

Серијата, која првпат беше емитувана во 1989 година и ја создаде Мет Грејнинг, ја следи секојдневната динамика на семејството Симпсон – Хомер, Марџ и нивните три деца: Барт, Лиса и Меги.

Анимираниот ситком досега има доживеано 37 сезони, а веќе е продолжен до 40-та, според „Variety“.

Првиот филм, The Simpsons Movie, беше објавен во јули 2007, каде Хомер по грешка го загадува водоснабдувањето на Спрингфилд. Поради тоа, Агенцијата за заштита на животната средина го затвора градот под купола, а Хомер мора да ги исправи своите грешки. Филмот заработи над 500 милиони долари ширум светот. Заврши со сцената каде што Меги, која речиси никогаш не зборува, изговара: „Продолжение?“

Во 2014 година, извршниот продуцент Џејмс Л. Брукс изјави дека „Фокс“ веќе го контактирал за продолжение, но според сценаристот Ал Џин, во 2024 сè уште немало официјални разговори или сценарио поради застојот за време на пандемијата.

Деталите за новиот филм засега не се откриени.

„Симпсонови“ е најдолговечната анимирана и играна серија во прајм-тајм во историјата на американската телевизија, со речиси 800 епизоди за 36 години. Минатата година, Памела Хејден, која ги позајмуваше гласовите на Милхаус, Џимбо, Род и Тод Фландерс, се повлече од серијата.

Во хумористичен пресврт, премиерата на 36. сезона беше најавена како „финале на Симпсонови“, бидејќи Барт, кој е засекогаш 10-годишен, конечно наполни 11 години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни