Хаос во холандија: Донатори на сперма станале татковци на по над 25 деца – се стравува од инцести во иднина

Некаде во Холандија има мажи кои без да знаат станаа татковци на десетици деца затоа што донирале сперма. Најмалку еден маж има дури 125 деца, пишува The New York Times.

Ова се вознемирувачките наоди на националниот регистар кој го следи бројот на донатори на сперма во Холандија. Прелиминарните податоци од регистарот, објавени оваа недела, идентификуваа 85 таканаречени масовни донатори – мажи кои имаат повеќе од дваесет и пет деца.

Податоците открија дека децата зачнати преку ИВФ може да имаат многу повеќе полубраќа и полусестри отколку што претходно претпоставуваше холандската влада, што предизвикува загриженост за можните роднински врски и ризикот од генетски нарушувања кога тие деца еден ден ќе бараат партнери и основаат семејства.

Во писмото доставено до холандскиот парламент завчера, министерот за млади, превенција и спорт Винсент Кареман напиша дека слабата контрола и слабата евиденција во клиниките за плодност доведоа до случаи на масовно донирање, што понекогаш резултираше со повеќе од 25 деца по донатор, без знаење на самиот донатор.

Новиот закон кој стапи на сила на 1 април бара подетално следење на тоа како се користи донираната сперма.

„Длабоко жалам што овие ексцеси беа откриени“, рече Кареман, изразувајќи поддршка за родителите кои беа клиенти на тие клиники и чии деца сега можеби имаат десетици полубраќа и сестри.

Од 2018 година, холандскиот закон го ограничува бројот на деца по донатор на 12. Пред тоа, секој донатор законски можеше да има до дваесет и пет деца преку ИВФ. Податоците од регистарот покажуваат дека во периодот од 2004 до 2018 година се евидентирани речиси 24.000 случаи на користење донирана сперма за ИВФ, што е период за кој клиниките имаат документирани податоци.

Иако Холандија има упатства за водење евиденција за донатори од 1992 година, тие не се спроведуваат строго долго време, според Доноркинд, волонтерска организација која ги поддржува семејствата кои користеле донација на сперма.

„За децата зачнати со донација, тоа е целосен хаос“, изјави во телефонски разговор Инге Портуис, член на одборот на Доноркинд.

Организацијата добива повици од вознемирени мајки, но и од самите донатори, кои се шокирани од можноста несвесно да станале татковци на десетици деца, вели Инге Портуис. Вчера „Доноркинд“ испрати писмо до холандскиот парламент, во кое бара владата да го открие точниот број на лица погодени од масовните донации. Тие исто така ги повикаа властите да размислат за воведување регулативи за увоз на донирана сперма во Холандија.

Индустријата за донирање сперма стана глобално профитабилен бизнис од 1978 година, кога се роди првото дете со ИВФ, но регулацијата на секторот останува многу слаба. Иако некои земји, вклучително и Холандија, го ограничуваат бројот на деца по донатор, не постојат меѓународни стандарди, иако спермата се извезува преку границите.

Правилата се разликуваат многу. Додека повеќето холандски донатори добиваат скромна награда за индивидуална донација, често помалку од 100 долари, клиниките бараат од идните родители илјадници долари. Доноркинд, исто така, размислува да преземе правни мерки против приватните клиники за плодност, барајќи построга регулатива.

Индустријата е под зголемена контрола во последниве години, особено по двата големи скандали во Холандија во кои мажите намерно станаа татковци на стотици деца. Приказната за Џонатан Џејкоб Мајер, кој стана татко на повеќе од 500 деца ширум светот, заврши во серијата на Нетфликс.

Инге Портуис смета дека индустријата става премногу акцент на профитот.

Новиот регистар покажа дека клиниките не ги следат постоечките упатства. Тие намерно користеле ист донатор за повеќе мајки или споделувале сперма меѓу повеќе клиники без соодветни проверки, се вели во соопштението на Холандското здружение за гинекологија и акушерство.

Во некои случаи, донаторите донирале на повеќе клиники во исто време без клиниките да знаат, делумно поради строгите закони за приватност во земјата. Некои мајки и самите барале ист донатор да им биде татко на сите нивни деца, а клиниките не следеле колку деца веќе биле зачнати со спермата на тој донор, па ги надминале законските граници.

„Сакаме да се извиниме во име на професијата“, изјави Марике Шенберг, претседателка на друштвото, за холандскиот медиум „НОС“. „Не ја направивме вистинската работа“, признала таа.

Новиот закон, наречен Акт за податоци за донатори на ИВФ, им доделува шифри на сите донатори и мајки за да следат каде и како се користи донираната сперма.

Клиниките и лекарите кои ќе ги прекршат правилата може да бидат санкционирани пред граѓански суд, изјави портпаролот на министерот Кареманс, Тим Бенебрук. Новите правила не важат за увезената сперма.

„На ниво на Европската унија се уште нема поддршка за тоа“, изјави Бенебрук

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни