Хју О’Горман ја носи Михаил Чехов техниката во Скопје

Хју О’Горман има повеќе од четири децении искуство на Бродвеј, во Холивуд и на европските сцени.

На 13 и 14 септември во Театар Комедија – Скопје, за првпат во Македонија ќе се одржи интензивната актерска работилница „Крупен кадар на внатрешниот живот“ со светски признатиот актер, режисер и едукатор Хју О’Горман од САД.

Настанот претставува единствена можност македонските актери и студенти по актерска игра да се запознаат директно со Михаил Чехов техниката – една од најпрестижните и најтрансформативни актерски методологии, предавана од еден од нејзините водечки светски практичари.

Хју О’Горман има повеќе од четири децении искуство на Бродвеј, во Холивуд и на европските сцени. Неговиот пристап ја спојува имагинацијата со спортската психологија, овозможувајќи актерите не само да изградат посилни и послоевити ликови, туку и да развијат ментална стабилност и внатрешна креативна сила – клучни алатки за филмската и ТВ индустрија.

Покрај гостинот, на работилницата ќе предава и Слаѓана Вујошевиќ, актерка со богато искуство во театарот, телевизијата и филмот, глас на омилената Биби од анимираната серија „Светот на Биби“. Таа е единствен сертифициран тренер по Михаил Чехов техниката во Македонија. Таа го надополнува програмот со своето локално и регионално искуство, негувајќи ја автентичноста и психо-физичкиот развој на актерите.

„Навистина се радувам што ќе бидеме домаќини на извонредниот Хју О’Горман. За жал, кај нас не се одржуваат доволно едукативни актерски програми од ваков калибар, а токму тие се неопходни за младите актери. Ова е можност да се допрат методи и пристапи кои во светот се сметаат за врвен стандард, и да се внесе нова енергија и сигурност во нашата актерска сцена. Ова е само почеток на едно подолгорочно отворање на нашата средина кон современите актерски практики и создавање генерација актери кои ќе бидат конкурентни и препознатливи и надвор од нашите граници,“ вели Вујошевиќ.

Работилницата е во организација на Здружението Ветра Арт и Охо Продукција, а е поддржана од Агенцијата за филм на Македонија, Театар Комедија, А1 и Шпаркасе Банка. Дел од учесниците се стекнаа со целосна стипендија за следење на обуката.

Со оглед на огромниот интерес кај актерите и студентите, организаторот најавува организирање на идни работилници со светски признати предавачи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни