“Oгромно време се губи по скопските меани. Седат луѓе со мобилни телефони, опружени на сонце и се обидуваат да сфатат, оваа општа “завера“ од каде произлегува? Дали се масонско – ватикански кругови, или се некакви мултинационални капиталистички лаборатории. Се некако мислиме дека ако тоа го сфатиме, ако допреме до длабината на “заверата“, истовремено ќе имаме повеќе пари за јадење, ќе се решат сите македонски проблеми, дека ќе си живееме ко порано со клатење врата и земање плата. Овој тип на губење време е всушност избегнување на обврската да се работи малку повеќе на себе.”
Горан Стефановски
Горан. Ќе го викам Горан, од причина што го чувствувам за близок. Сега поблизок од било кога. Му имам згрешено со мисла, но тој ќе ми прости, бидејќи знае дека учам од грешките. Си го викам Горан и поради тоа што еднаш си препеав една негова песна од српски на македонски. Сигурен сум дека тоа му се допаѓа. Да, ќе го викам Горан. Брат ми се вика Горан, а татко му на Горан се вика Мирко. Има тука нешто, се игра некоја игра 😉
Горан е еден од најцитираните луѓе во современа Македонија. Не е ни чудо, со оглед на неговата импозантна појава, успех и релевантност. Производ на едно пионерско време на оваа држава, кога се вцртуваа интелектуалните автопати, по кои денес јуриме ние, новите генерации. Цитатот со кој започна оваа колумна, не е многу популарен деновиве, од проста причина што Горан, јасен ко сонце, разобличува една самоубиствена македонска матрица и оневозможува злоупотреба и разноразни оправдувања. Малите луѓе се во постојана потрага по оправдание за своето непостапување во согласност со сопствениот интерес. Малите луѓе, безнадежно свесни дека се манипулирани, редовно се јачаат со флоскули од типот “Се игра некоја игра“… теории на заговор како популарно трошење време, или оправдание за бескрајната мрзеливост, па и омраза кон сенешто.
Дневнополитичките профитери и досетливите лешинари од ова дигитално доба, мошне “итро” ги злоупотребуваат неговите цитати. Особено на мета на оваа булумента се цитатите кои се однесуваат на нашата позиција во Европа. Вон контекст, или во сосем искривен контекст, тие цитати лесно ја доведуваат до заблуда, слабоумната и деморализирана публика. Така, “децата на Горан“ полека се трансформираат во најнеинтелигентната нација во Европа. Неодамнешните истражувања го потврдуваат тоа.
А, интелигенцијата оди рака под рака со отвореноста на умот и се разбира отвореноста на границите. Тоа многу добро го разбира нашиот источен сосед, кој поради популарните претензии кон нас, се труди да ги задржи нашите граници затворени, а нивните отворени кон Европа. Голем број на дневнополитички профитери во Македонија здушно им помагаат во напорот да останеме изолирани. Дали поради ситен профит, слепа омраза или чисто желба за самоубиство, тие упорно се трудат, па и успеваат многумина да уверат дека треба да останеме во истово трло, континуирано ограбувани токму од нив. И сите тие упорно го цитираат Горан. А тој, така паметен и убав ко што го дал Бог, одамна е граѓанин на Европа, светот и Универзумот. Спокојно спружен на неговиот облак, нѐ посматра одозгора. Гледа како губиме време и ни дофрлува по некој цитат за да се глупираме.