На 13 октомври 2025 година (понеделник), со почеток од 11:00 часот пред Плоштад Amaro Mall во општина Шуто Оризари, се одржа креативен активизам со наслов „Граѓаните избираат: здравје за сите!“, со кој жените побараа бесплатни услуги за време на бременоста, при породувањето и за доенчињата.
Во Програмата за партиципација при користењето на здравствена заштита на одделни заболувања на граѓаните и здравствена заштита на родилките и доенчињата, предвидено е сите прегледи за време на бременоста, породувањето и здравствената заштита на доенчињата да бидат бесплатни за граѓаните. Меѓутоа, податоците од истражувањето покажале дека над 80% од жените Ромки плаќаат за прегледите, најмногу за ехо-преглед за време на бременоста, и тоа пред сè кај матичните гинеколози.
Иако истата програма обезбедува бесплатни ортопедски прегледи за доенчињата, истражувањето покажало дека само 55% од испитаничките ги направиле овие прегледи, а од нив околу 6% платиле, иако им следува бесплатно. Како причина за тоа, најчесто го наведуваат недостатокот на термини во системот „Мој термин“.
Истражувањето исто така покажало дека недостига не само искористеност на превентивните мерки, туку и информираност кај Ромките и маргинализираните заедници. Дури 92% од испитаничките одговориле дека воопшто не знаат за овие превентивни мерки и начинот за нивно искористување.

Истражувањето се спроведе на територија на Шуто Оризари, Штип и Куманово во 2023 година. Целосниот извештај е достапен на веб-страницата на организацијата „Жени Шуто Оризари“.
Во пресрет на локалните избори 2025 година, преку симболиката на изборен ден за здравје, креативниот активизам имаше за цел да потсети дека секој граѓанин има право на глас не само во изборниот процес, туку и во борбата за еднаков пристап до квалитетна здравствена заштита. Воедно, во екот на изборната кампања, беа поканети сите кандидати за градоначалници на општина Шуто Оризари да дојдат и да се заложат за барањата на граѓаните, но ниту еден не се појави.
Шуто Оризари, општина каде живее најголем број припадници на ромската заедница, со години се соочува со недостиг на матични општи лекари, кои треба да бидат директни имплементатори на превентивните мерки предвидени од Министерството за здравство. Покрај тоа, недостигаат и педијатри и здравствен медицински кадар кој треба да превенира и лекува 25.726 жители, согласно последниот попис од 2021 година.
Организаторите упатија три барања:
- До Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување – веднаш да дадат приоритет за решавање на проблемите со кои се соочуваат жените, да осигураат соодветно спроведување на превентивните мерки и да го зголемат буџетот за нив со цел навремена заштита на здравјето на најранливите групи. Посебен фокус треба да се даде на информирање и искористување на мерките од страна на ранливите и маргинализираните категории на граѓани.
- До Министерството за здравство – да овозможи еднаков пристап до здравствени услуги и правилно распоредување на здравствените ресурси, како што се општи лекари, педијатри, лаборатории и дежурна служба во Здравствениот дом Шуто Оризари. Итно да воспостави управителска и менаџерска администрација во институцијата за нејзино успешно функционирање.
- До идниот градоначалник и Советот на општина Шуто Оризари – да се заложат за овие барања и да овозможат дополнителни акциски планови за подобрување на здравството, со посебен фокус на здравјето на жените во Шуто Оризари.

Од настанот беа испратени јасни пораки до институциите:
- Да се зголеми бројот на матични лекари во Шуто Оризари.
- Да се зголемат термините за закажување специјалистички прегледи преку „Мој термин“.
- Да се реновира амбулантата во Шуто Оризари.
- Да се овозможи дежурна служба и итна медицинска помош.
- Да се зголеми бројот на специјалистички услуги како педијатар, психолог и интернист.
- Да се воведат патронажни посети.
- Да се овозможат бесплатни прегледи во текот на бременоста и по породувањето.
Креативниот активизам „Граѓаните избираат: здравје за сите!“ произлегува од проектот „Унапредување на здравствени права на жените, девојките и ранливите групи“, кој е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика Мобилитас. Проектот ги анализира превентивните програми на Министерството за здравство: Програмата за партиципација, Програмата за малигни заболувања, Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца и Програмата за ХИВ.