Денес, дури и пациентите со деменција ги жнеат придобивките од т.н. „фарми за нега“.
Маријана Рогстад, пензионирана баба од Норвешка, е доживотен љубител на учењето. Таа поминала пет децении работејќи како хотелски службеник во Швајцарија, опкружена со нови јазици и култури. Но, по враќањето во татковината, ѝ била дијагностицирана деменција. Како резултат, се повлекла и изгубила многу од стимулансите кои ѝ го исполнувале секојдневието — сè додека не се приклучила на Импулсентер, мала „фарма за нега“ во близина на Осло.

Овие фарми за нега се наречени според нивната цел — да одговорат на импулсот на луѓето да работат, да се движат и да бидат поврзани со заедницата. Хенрајт Брингсјорд, чии родители ја основале фармата, вели:
„Мајка ми и татко ми ја сакаа земјоделската работа и знаеја колку е болно за луѓето со деменција да престанат да работат и да се изолираат. Тие сакаа да им помогнат повторно да бидат дел од животот.“
Во 2015 година, Норвешка стана една од првите земји што усвои национален план за грижа за лица со деменција, вклучувајќи и дневни активности како дел од државната програма „Inn på tunet“ (на македонски: „во дворот“). Целта е да се поддржат пациентите преку социјално пропишани активности во природа, познати и како „зелени рецепти“.

Advertisement
Според д-р Мелиса Лем, семеен лекар и истражувач од Универзитетот во Британска Колумбија, градинарството има повеќестрани придобивки:
„Природните рецепти можат да ја зголемат физичката активност и социјалната поврзаност, а воедно да го намалат стресот. Тоа влијае на крвниот притисок, шеќерот во крвта, телесната тежина и го намалува ризикот од болести поврзани со деменција.“
Новите истражувања потврдуваат дека времето поминато во градина има длабоки когнитивни бенефити. Истражувачи од Универзитетот во Единбург спровеле прва студија од ваков вид, споредувајќи резултати од тестови за интелигенција кај истите испитаници на 11 и на 79 години. Учесниците кои градинареле покажале значително подобрување на когнитивните способности во текот на животот, во споредба со оние кои ретко или никогаш не се занимавале со оваа активност.
Во време кога стареењето сè повеќе е предизвик за општествата, градинарството се појавува како едноставно, природно и моќно средство за зачувување на менталното здравје и подобрување на квалитетот на животот — без разлика на возраста.
Извор: BBC