Група граѓани се собраа денес пред споменикот Ловќенска вила на Цетиње и со дванаесетминутна тишина оддоа почит на жртвите на неодамнешниот злочин кој се случи во тој град, пренесуваат медиумите.
Во пукањето во Цетиње, кое се случи на 1. јануари, загинаа 12 лица, меѓу кои и две деца. Извршителот на убиствата, Цетињанецот Ацо Мартиновиќ, почина за време на транспортирањето кон Клиничкиот центар на Црна Гора (КЦЦГ), откако си пукаше во глава. Во пукањето тешко се повредени и четири лица, кои се хоспитализирани во КЦЦГ.
По повод трагичниот настан кој се случи на Цетиње, Владата донесе Одлука да 2, 3. и 4. јануари бидат прогласени за Денови на жалост.
Организаторите повикаа сите граѓани денеска, во 17:26 часот, да се соберат пред споменикот Ловќенска вила на Цетиње и со дванаесетминутна тишина да оддадат почит на жртвите на неодамнешниот злочин, пренесуваат Вести. Тие повикаа граѓаните по тоа да се соберат во 19:30 часот пред зградата на Министерството за внатрешни работи (МВР) во Подгорица, каде што ќе упатат барања до таа институција.
Тие објавија барања пред протестот кој е планиран за вечерва пред зградата на Министерството за внатрешни работи, а првото барање е оставка на министерот за внатрешни работи Данијела Шарановиќ и потпретседателот на Владата за безбедност и одбрана Алексо Бечиќ.
Второто барање е демилитаризација на општеството, одземање и уништување на сето илегално и скриено оружје.
„Ревидирање на сите доделени дозволи за поседување оружје преку полициска проверка на лицата кои поседуваат оружје и преку сериозни, а не само формални, психијатриски и други лекарски и психолошки прегледи на годишно ниво“.
Третото барање е воспоставување на полиција во заедницата и промена на пристапот на полицијата кон граѓаните и граѓанките.
Четврто барање – враќање на граѓанското образование како задолжителен предмет во основните и средните училишта.
Додаваат дека на овие барања им се придружуваат и барањата поставени од страна на Акцијата за човекови права и Центарот за женски права.
Петто барање – прогласување мораториум на издавање дозволи за поседување оружје до измени на Законот за оружје.
Шесто барање – оневозможување на закон за купување на оружје без претходна дозвола за држење оружје.
Седмо барање – заострување на условите за поседување ловачко оружје.
Осмо барање – засилување на контролата на стрелачките клубови кои на граѓаните им издаваат членски карти и фиктивни потврди само за да добијат дозвола за носење оружје.
Деветто барање – воведување висок месечен данок на поседување и држење оружје“, пишува во соопштението.