Глумците од Калифорнија со закон заштитени од правење нивни копии со вештачка интелигенција

Гувернерот на американската сојузна држава Калифорнија, Гевин Њусом потпиша закон којшто ги заштитува холивудските глумци и други изведувачи од можноста за користење вештачка интелигенција за создавање дигитални копии од ликот и гласот на лицето без негова согласност. Со тоа, Калифорнија е меѓу првите сојузни држави што воспоставија заштита од неовластена употреба на ВИ.
Бред Пит како Тони Старк моделиран со вештачка интелигенција

– Продолжуваме да се движиме низ непозната област во однос на тоа како ВИ и дигиталните медиуми ја преобразуваат забавната индустрија, но нашата ѕвезда водилка отсекогаш ги штитела работниците… Законот обезбедува развој на забавната индустрија, а истовремено ја зајакнува заштитата на работниците и начинот на којшто нивниот изглед може да се користи, или пак, не!, рече Њусом.

Инспириран од штрајкот на филмските работници и стравувањата дека студијата ќе користат ВИ којашто би ги заменила глумците, новиот Закон им дозволува на изведувачите во Калифорнија да се откажат од постоечките договори доколку нејасните договорни клаузули им дозволат на филмските студија непрописно да користат технологија за дигитално клонирање на гласот на изведувачот. Законот ќе стапи во сила во 2025 година.

Новиот Закон го оневозможува и дигиталното клонирање на починати изведувачи за комерцијални цели, без дозвола од нивните наследници или заштитниците на нивните права.

И сојузната држава Тенеси – колепката на американската кантри-музика во март донесе Закон што на сличен начин ги штити музичарите и уметниците.

Противниците на Законот, вклучувајќи ја и Стопанската комора на Калифорнија, велат дека новите закони најверојатно ќе бидат неспроведливи и ќе доведат до долги правни битки во судовите.

Најново

Последни колумни