Глечерите, годишно, губат вода колку 3 децениска потрошувачка во светот

Одмрзнувањето на 7 трилиони тони глечерски мраз го подигна нивото на морето за речиси 2 сантиметри, а Алпите се жариште на топење

Новото научно истражување покажа дека климатските промени предизвикуваат топење на глечерите ширум светот побрзо од кога било. Во просек, од 2000 година, тие се намалија за повеќе од 5 проценти.

Научниците одамна беа свесни дека глечерите, кои се и индикатори за климатските промени предизвикани од човекот, сè побрзо се топат. Но, оваа нова студија, објавена во списанието Nature, обединува различни наоди за најсеопфатен поглед на ова прашање досега.

„Регионите кои имаат глечери од памтивек ги губат овие икони на мраз“, вели Тајлер Сатерли, постар научник за истражување во Поларниот научен центар на Универзитетот во Вашингтон. Сатерли е еден од авторите на студијата од глобален конзорциум од стотици истражувачи наречени Вежба за споредба на рамнотежа на масата на глечерите (GlaMBIE).

Невиденото топење на глечерите доведува до голем број катастрофи, објаснува тимот на GlaMBIE, загрозувајќи ги слатководните ресурси за милиони луѓе и го подига нивото на морето со катастрофални резултати.

Од почетокот на векот, од глечерите се стопи повеќе од 6.500 милијарди тони (5 отсто) мраз или приближно по 270 милијарди тони годишно.

,,За да го претставиме тоа посликовито – 270 милијарди тони мраз е исто колку и потрошувачката на вода на целото глобално население за 30 години, под претпоставка дека секој човек користи три литри дневно”, вели за BBC News, главниот автор на студијата Мајкл Земп.

Со зголемување на емисиите на стакленички гасови, процесот се забрзува. Помеѓу 2000 и 2011 година, овие замрзнати реки се топеле со брзина од околу 231 милијарди тони мраз годишно. Оваа стапка на топење се зголеми меѓу 2012 и 2023 година на 314 милијарди тони годишно, што е забрзување од повеќе од една третина. Во 2023 година забележана е рекордна загуба на маса од околу 548 милијарди тони.

Загубата на масата на глечерите е околу 18 отсто поголема од загубата од ледената покривка на Гренланд и повеќе од двојно од загубата од ледената покривка на Антарктикот, забележуваат истражувачите. Алпите ги губат своите глечери побрзо од кој било друг регион – од 2000 година исечнати се речиси 40 отсто од глечерите. Блискиот исток, Нов Зеланд и западниот дел на Северна Америка, исто така, претрпеа намалување на глечерите за повеќе од 20 отсто.

Одмрзнувањето на скоро 7 трилиони тони глечерски мраз од 2000 година го подигна нивото на морето за речиси 2 сантиметри. Тоа го прави топењето на глечерот вториот најголем придонесувач за зголемување на нивото на морето, по проширувањето на водата поради затоплувањето на океаните.

„Секој сантиметар покачување на нивото на морето изложува уште 2 милиони луѓе на годишни поплави некаде на нашата планета“, изјави за Би-Би-Си професорот Енди Шеферд, раководител на Катедрата за географија и животна средина на Универзитетот Нортамбрија во Велика Британија.

Според НАСА, глобалното ниво на морињата веќе се зголеми за повеќе од 10 см од 1992 година, а во иднина се очекува зголемувањето на нивото да биде уште побрзо. Поради „загреаните“ климатски промени, глечерите ќе продолжат да се топат во годините што следат дури и со поамбициозни напори да се забави глобалното затоплување, бидејќи тие полека реагираат на променливата клима. Сепак, начинот на кој луѓето реагираат на климатската криза сепак ќе има огромно влијание врз нивното постоење. Климатските активности би можеле да бидат разликата помеѓу губењето на четвртина од мразот на глечерот во светот и речиси половина, се наведува во студијата. „Секоја десетина од степенот на затоплување што можеме да го избегнеме ќе спаси некои глечери и ќе не спаси од многу штети“, додава професорот Земп.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни