Германски пратеници се обидуваат да ја забранат екстремно десничарската АФД

Пратеници од различни политички партии во Германија работат на закон со кој би се забранила партијата Алтернатива за Германија (АФД), која е класифицирана како екстремно десничарска партија.
Фото: Sebastian Riva/Flickr

Групата на пратеници е предводена од Марко Вандерви од Демохристијанската унија и е составена од 37 пратеници од повеќе партии во Германскиот Бундестаг. Тие ќе се обидат да најдат начин за да ја забранат екстремистичката партија Алтернатива за Германија. Групата претставува 5 отсто од Бундестагот, услов за да може нивната иницијатива да премине во следната фаза: парламентарно гласање. Доколку успеат во нивната намера, предлогот ќе се најде во Федералниот уставен суд.

„По ужасното владеење на Национал-социјалистите, важно е да спречиме партија која има екстремни десничарски и етно-националистички ставови да стане повторно моќна во Германија“ вели Вандервиц.

Тој има поддршка и од Социјалдемократите, а Кармен Веге, од оваа партија се согласува дека демократијата во Германија еднаш била уништена на демократски начин, по што целиот континент беше уништен.

АФД во моментов има 77 пратеници во Бундестагот и е најголема партија во источната држава Турингиа по локалните избори во септември. АФД е исто така популарна и во Саксонија и Бранденбург.

Сепак шансите ова партија да учествува во владите во која било од тие држави е мала, бидјеќи другите партии одбиваат да работат со нив за формирање на потребните коалиции.

Групата составена од пратеници од ЦДИ, СПД, Зелените и Левица очекуваат дека гласањето за забрана на АФД ќе се случи во декември или јануари, а за предлогот да биде прифатен од Бундестагот ќе им биде потребно мнозинство од 736те пратеници.

Тоа ќе биде тешко за остварување, бидејќи многумина сметаат дека не е паметно да се забранува партијата која има свои претставници во 14 од 16 државни парламенти, во Европскиот Парламент и во Бундестагот.

Помеѓу скептиците и е германскиот канцелар Олаф Шолц, кој доаѓа од редот на Социјалдемократите. Според него забранувањето на АФД нема да ги смени ставовите на гласачите. Со него се согласува и претседателот на Централниот совет на Евреите во Германија, Јосеф Шустер.

„Луѓето кои гласаат за АФД нема едноставно да исчезнат и не можеме да ги игнорираме“ рече тој истакнувајќи дека забранувањето на АФД не е начин за да се разубедат нивните гласачи.

Експертите исто така се со поделени мислења околу иницијативата за забрана на АФД. Хендрик Кремер од Германскиот институт за човекови права верува дека итно е потребна забрана за АФД и дека иницијативата може да биде успешна.

„Ако ја погледнете АФД подобро, мислам дека ќе сфатите дека постојат сите услови за да биде забрането“ рече тој додавајќи дека не разбира зошто некои се уште имаат недоумица.

Азим Семзиоглу, уставен експерт од Универзитетот во Лајпциг е скептик и верува дека класификацијата на АФД како „екстремна десница“ од страна на Федералната канцеларија за заштита на уставот не значи автоматски и забрана на партијата.

Тој, како и правникот Улрих Батис се согласуваат дека не е доволно само партијата да биде прогласена за екстремна десница, туку треба и да работи против уставот, односно да има активна кампања против слободата и демократијата, односно да го отфрли политичкиот систем.

Досега во Германија имало два обиди за забрана на партија. Во 2017 година, Уставниот суд одлучи дека крајнодесничарската партија Национално демократска партија на Германија е противуставна, но дека е политички незначајна, поради што таа не беше забранета. Во одлуката на судот беше истакнато дека во пет децении постоење партијата не успеала да обезбеди пратеник во Бундестагот.

Од друга страна, преседан за забрана на политичка партија во Германија постои од 1956 година, кога беше забранета Германската комунистичка партија откако освои пратеник во Бундестагот на Западна Германија. Тоа беше втора забрана за партија во историјата на Федерална Република Германија по отворено нео-нацистичката Социјалистичка партија на Рајхот во 1952 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни