Германската држава ја менува својата безбедносна парадигма: во најновиот водич на Федералната канцеларија за цивилна заштита и справување со катастрофи (BBK) за првпат по повеќе од три децении се вклучува и сценариото на војна. Документот со наслов „Подготовка за кризи и катастрофи“ повикува граѓаните да се снабдат со резерви од храна, вода, лекови и основни средства, и да бидат подготвени за самостојно преживување најмалку од три до десет дена.
Според BBK, ваквиот чекор е одговор на „новата реалност“ на европскиот континент, во која војната повеќе не се смета за далечна или невозможна опција. Шефот на германската разузнавачка служба предупреди дека „Германија веќе е во линијата на оган“ и дека „опуштањето не е опција“.
Анкетите на државата покажуваат дека 53% од граѓаните не презеле никакви мерки за подготовка за вонредни ситуации. Новиот водич затоа нуди детални препораки – од количината на вода и конзервирана храна, до начини за информирање во услови на прекин на струја и интернет. Во документот посебно се нагласува и ризикот од хибридни закани како кибер-напади, саботажи и дезинформациски кампањи.
Оваа промена во реториката одразува поширока европска загриженост поради војната во Украина и растечките геополитички тензии. Аналитичарите сметаат дека германскиот пример ќе ги поттикне и останатите европски држави да ги преиспитаат сопствените капацитети за цивилна заштита и отпорност во услови на можен конфликт.
Како што наведува BBK, „светот станува понепредвидлив, а подготвеноста е најдобрата одбрана“.
Извор: „Euronews“