Во многу германски домови, канцеларии, продавници, хотели и дури болници, клима-уредите сè уште се реткост. Според неодамнешна анкета на институтот Innofact за потрошувачкиот портал Verivox, само 18 отсто од германските домаќинства користат клима-уреди, од кои повеќето се преносливи и со пониска ефикасност.
Професорот Уве Франке, директор на Институтот за воздух и разладување во Дрезден, објаснува дека причините за оваа воздржаност се длабоки. „Имаме типично германска штедливост, но и силна еколошка свест. Клима-уредите се перцепираат како луксуз што троши многу струја, ја влошува климатската криза и, според некои, предизвикува болести,“ вели тој.
Многумина стравуваат од „промаја“, сув воздух, бучава и ризик од настинки. Но, освен физичките, постојат и културни причини. Според културоложката Ева Хорн од Универзитетот во Виена, во Германија постои посебен менталитет на издржување: „Мораш да издржиш. Од топлина не се бега со технологија, туку со трпение.“ Таа додава дека влегувањето од топол воздух во леден простор за Германците е непријатно и неприродно, за разлика од навиките во тропските земји каде што разладувањето се доживува како знак на статус и удобност.
Културната перцепција игра голема улога: клима-уредите се доживуваат како нешто туѓо, непотребно и несоодветно за умерената клима што долго време ја имала Германија. Истовремено, топлотата сè уште не се доживува како реална и трајна закана – летата се гледаат како кратки и минливи, дури и кога температурите надминуваат 35°C.
Инфраструктурно, многу јавни простори – вклучително и метро системот во Берлин – сè уште немаат клима-уреди. Превозниот систем BVG користи само вентилација, а Германските железници (Deutsche Bahn) често имаат проблеми со дефектни клима-уреди во брзите возови ICE. Аргументите? Финансиска неисплатливост и штетност по животната средина.
Сепак, климатските промени стануваат сè поочигледни и Германија, како и остатокот од Европа, бележи екстремни топлотни бранови. Експертите предупредуваат дека трпението нема да биде доволно и дека неприспособувањето може да има последици врз здравјето и продуктивноста.
„Концентрацијата паѓа, способноста за работа се намалува, а стресот расте. Разладувањето не е само прашање на удобност, туку и на функционалност,“ заклучува Франке.
Германците можеби не сакаат „вештачка свежина“, но во ера на глобално затоплување, одбивањето на клима-уредите може да стане минато. До тогаш, Германија ќе остане една од ретките индустриски земји каде климата надвор доминира – а климата внатре, сè уште се смета за луксуз.