Генерацијата З привлекува големо внимание поради парадоксалниот однос по многу прашања, но и поради тоа што се карактеризира како наследник на милениумците. Имено, тоа е првата генерација која има драматично поинаков однос со мобилните и социјалните медиуми, тие се нерасклинлив дел од нивното функционирање и стекнување информации кое носи поголеми ризици од порано. Припадниците на оваа генерација се децата родени меѓу 1997 и 2012 година, познати како носители на многу трендови, не само во онлајн комуникацијата, туку и во општествените односи воопшто. Но, како ги препознаваме и кои се нивните карактеристики?
Многу различен однос кон работата: тие се насочени кон преиспитување на многу воспоставени стандарди особено на работното место. Тие генерално се насочени кон неконвенционален пристап кој не вклучува работа од 9 до 5, туку повеќе истовремени проекти или задачи. Бараат повеќе динамика и се посвесни за останатите потреби кои произлегуваат од нефункционално работно место. Не се плашат да го напуштат за да побараат ново, а голем дел од овие млади размислуваат за свои бизниси повеќе од кога било досега. Тие се поотворени кон хибридни работни места и испробување нови професии.
Носталгија кон неизживеано минато: особено популарен тренд, преку кој може да се забележи враќање на ретро модата, литературата и начинот на живот кај нив. Оваа генерација е поврзана со носталгијата, но и со контекст кој не го искусиле, а интензивно го враќаат назад особено во поп културата и преку интересите. Го користат и за да зборуваат за нови подобри времиња.
Надминување на табу теми поврзани со ментално здравје: кaj оваа генерација може да се забележи дека личниот развој и темите поврзани со психолошкото здравје прилично доминираат, па оттаму тие поинаку разговараат и пристапуваат на теми кои сè уште се стигматизираат во општествата, како барање на психолошка помош и поддршка. Не се срамат да зборуваат за свеста за менталното здравје, а најчесто користат хумор и мемиња за пренесување на пораките по овие прашања.
Koнтрадикторни во многу погледи: согласно со времињата во кои живеат, кај оваа генерација се забележува и потреба за социјална комуникација онлајн, но истовремено и за крајно оддалечување од социјалните мрежи. Тие сакаат поврзување, но истовремено се насочени кон индивидуална работа и фокус. И покрај тоа што се континуирано на социјалните мрежи, истражуваат интереси кои се можност да се повлечат од светот за момент и да бидат сами.
Крајно автентични и креативни: овие млади ги надминуваат границите и во позитивна смисла. Нивното перцепирање на идентитетот, слободата, човековите права и можности се насочени кон почит на сечија индивидуалност, но и на истражување на себе. Како генерација, тие се многу отворени и таа отвореност ја рефлектираат на многу полиња, што се покажува и во нивната креативност, која е насочена генерално кон дигиталните медиуми. Овие млади активно го користат онлајн просторот за пренесување на нивните пораки токму преку уметноста.
Иако за многу прашања оваа генерација се смета како пасивна и помалку ангажирана, сè повеќе се сведочи како тие ги користат социјалните мрежи за да ја кренат свесноста за многу прашања како климатските промени и социјалната правда. Останува да видиме во која насока ќе го насочат нивниот ангажман и дали можат да бидат новиот сериозен двигател на општествени промени низ светот.