Газа станува најсмртоносен конфликт за медиумските работници во историјата

Во изминатите 22 месеци, војната во Појасот Газа се претвори во најсмртоносниот конфликт за новинарите во историјата.
GAZA CITY, GAZA - OCTOBER 9: Smoke rises over the buildings as the Israeli airstrikes continue in Gaza City, Gaza on October 9, 2023. (Photo by Ashraf Amra/Anadolu Agency via Getty Images)

Според податоците на Комитетот за заштита на новинарите (CPJ), најмалку 189 новинари и медиумски работници загинале од октомври 2023 година до денес, додека други организации проценуваат дека бројот е значително повисок – до 238 според Центарот за медиуми во Газа, а Обединетите нации известуваат за 247 загинати.

Минатата недела, пет палестински новинари – Хусам ал-Масри, Маријам Абу Дага, Мохамед Салама, Ахмед Абу Азиз и Моаз Абу Таха – беа убиени во двоен напад на израелската војска врз болницата Насер. Само една недела претходно, четворица новинари од Ал Џезира, заедно со двајца фриленсери, беа убиени од насочен израелски напад врз нивниот шатор во близина на болницата ал-Шифа во Газа. Израелската војска потврди дека намерно ја гаѓале екипата, меѓу кои беа дописникот Анас ал-Шариф, репортерот Мохамед Креке, снимателот Ибрахим Захер и возачот и снимател Мохамед Нофал.

Организации како CPJ предупредуваат дека Израел систематски ги таргетира новинарите, при што некои од нив по смртта се означуваат како припадници на Хамас, без веродостојни докази. Според CPJ, ова е дел од шема на дезинформации и дискредитација, со цел да се оправдаат нападите врз медиумските работници.

Меѓународните новинари се речиси целосно отсутни од теренот, бидејќи Израел забрани влез за странски медиуми, што значи дека палестинските новинари останаа единствените сведоци на ужасите што секојдневно се случуваат. Но тие ја плаќаат највисоката цена – со животот. CPJ ја опиша ситуацијата како „најсмртоносниот и најнамерен обид за убивање и замолчување на новинарите“ што некогаш го документирале.

„Палестинските новинари се под директна закана – намерно се таргетирани, убиени, произволно притворани и мачени од израелските сили. Со замолчување на новинарите, Израел ја замолчува војната“, соопшти организацијата.

Центарот за медиуми во Газа објави композитна слика со 238 загинати новинари, како трагичен потсетник на размерот на загубата. Станува збор за цела генерација новинари, кои животот го загубија обидувајќи се да ја доловат вистината – во едни од најопасните и најразорни околности во современото новинарство.

Гардијан објави дека како дел од глобалната акција за солидарност и осуда на нападите врз медиумите, ќе ги објави имињата на сите палестински новинари кои, според CPJ, загинале како резултат на израелските воени дејствија.

Воената офанзива на Израел во Газа продолжува, без знаци на запирање, и покрај меѓународната осуда и загриженоста за кршење на меѓународното хуманитарно право. Додека конфликтот се продлабочува, реална е опасноста дека бројот на загинати новинари ќе продолжи да расте.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни