Одмаралиште „Титови пионери“ – Раскошот на заборавот
Некогаш, на брегот на Дојранското Езеро, летувалиштето „Титови пионери“ ги пречекуваше младите со своите разиграни архитектонски линии, создадени за безгрижни денови. Секој павилјон беше парче од мозаикот на детството, сплотен со езерото и природата. Денес, неговата слика е драстично поинаква: обраснато со трева и покриено со прашина на времето. На 6 хектари со огромен двор и сместувачки капацитети распоредени во 5 павиљони навистина претставува импознатна градба во Дојран.
Сместено кај село Николиќ, одмаралиштето „Титови пионери“ беше пример на уникатен архитектонски израз на своето време. Дизајнирано како одраз на модернизмот во Југославија, објектот импресионираше со своите отворени простори, модуларна архитектура и природна хармонија. Ентериерот, со внимателно одбрани детали, беше идеален за социјализација и едукација на младите. Денес, руинираните згради сведочат за занемареноста. Шанса за реставрација и адаптација во модерен центар за образование и туризам би ја оживеала неговата мисија, но засега, тој останува симбол на минатиот век.
Црвениот крст
Одмаралиштето на Црвениот крст во Дојран планираше преродба на својот објект како центар за активно стареење, каде постарите лица би можеле да уживаат во активен живот, но и таа иницијатива остана само идеја. Запуштено повеќе од 30 години и оставено на забот на времето. Овој проект, за жал, не се реализира, оставајќи го објектот напуштен. Оригиналната идеја, инспирирана од потребата за општествена инклузија и здрав живот, има огромен потенцијал. Трансформацијата на овој простор би значела многу не само за постарите лица, туку и за целокупниот развој на регионот.
„Јака“ – Од домаќин на идили до нем сведок
Само пред десетина години, одмаралиштето „Јака“ во Стар Дојран ги пречекуваше своите последни гости. Неговите топли соби и пространи дворови беа идеални за семејни одмори и групни активности. Денес, зараснато со трње, искршен инвентар, со срчи и стакла насекаде, го губи сјајот што некогаш ги радуваше посетителите. Зошто за само една деценија се претвори од место на живост во место на заборав? Прашањето за обновување, преку соработка со туристички и културни иницијативи, е неопходно за да се спречи оваа загуба.„Јака“ во Стар Дојран, како и многу други, се само дел од некогашните бисери кои денес се рушат под тежината на занемарувањето.
ЈАКА – Моментална состојба
Овие локации, со голем потенцијал за „brownfield“ инвестиции, остануваат заглавени меѓу спомените на минатото и можностите за иднината. Од неисполнети проекти до недостаток на визија, тие се жртви на долготрајната транзиција.
ЈАКА – пред десетина години
Судбината на детските и работничките одморалишта ја отсликува трагедијата на општеството кое заборави на своите корени. Можеби е време да се вратиме кон нив со почит и визија, претворајќи ги во места за нови почетоци и нови сеќавања.
Социјализмот донесе концепт на колективно одморање, каде што работничките и детските одморалишта беа олицетворение на солидарноста и еднаквоста. Одењето на одмор не беше прашање на престиж, туку на право достапно за сите, со фокус на одмор, едукација и заедничко дружење. Денес, со растечката приватизација и комерцијализација, летувањето сè повеќе се претвора во симбол на статус и финансиска моќ. Одморалиштата, како концепт, изумираат, заменети со ексклузивни дестинации, каде личното задоволство ги заменува заедничките вредности.
Фотографија: Митко Севриевски и Ангел Ангеловски