Францускиот град на мртвите, светилиште на уметноста, филозофијата и историјата: Што кријат најпознатите гробишта во Париз

Во 20-от арондисман на француската престолнина, каде трагите на времето се вкрстуваат во тишина, се наоѓаат најпознатите гробишта во светот – „Пер Лашез“.

Иако името на гробиштата е често мистериозно за многумина кои не биле во тој златен град, оваа тивка оаза на Париз станува вистинско светилиште за љубителите на уметноста, филозофијата и историјата.

Секоја патека, секој надгробен споменик ја носи приказната за генијалците кои оставиле неизбришлива трага во светот, а „Пер Лашез“ стана место каде овие генијалци почиваат во вечноста.

Посетителите велат дека овие гробишта навистина имаат посебна атмосфера, што е прилично неблагодарно да се опише.

Гробишта кои станаа симбол

Гробиштата „Пер Лашез“ не биле секогаш толку познати.

Отворени се во 1804 година, на иницијатива на Наполеон Бонапарта, и дизајнирани се така за да бидат најубави и најголеми во Париз.

Првично идејата за закопување на најважните мртви далеку од срцето на градот (кој тогаш беше 20-тиот арондисман каде што се наоѓаат гробиштата), во комерцијална и малку изолирана област, беше презирана. Меѓутоа, со текот на времето, гробиштата станаа вистинска „атракција“, не само поради големината и распоредот, туку и поради бројот на значајни личности кои беа положени таму.

Денес, овие гробишта имаат околу 70.000 гробови, а бројот на посетители годишно надминува три милиони, што ги прави едно од најпосетуваните гробишта во светот.

Иако често се гледа низ призмата на историјата, архитектурата и уметноста, „Père Lachaise“ е место на тишина, сериозност и размислување, простор каде посетителите можат да се поврзат со минатите времиња.

Па, додека шетате низ ваков парк на култура и историја, чувствата ви се измешани, а тагата не е единствената. Би се рекло дека целокупната посета на ова место може да се нарече апсолутно поетска.

Гледајќи ги лицата на многубројните посетители на кои наидовме при потрагата по гробовите на познатите, некој би рекол дека мислат и чувствуваат исто.

Некој дојде да го посети вечниот дом на Оскар Вајлд или Балзак, две дами пред нас, очигледно барајќи го гробот на познатата пејачка Едит Пјаф, тивко потпевнуваше Non, je ne reggret rien, додека пред нас беше приврзаник на кралот гуштер, препознатлив по неговиот хипи стил на облекување.

Великаните кои почиваат на Пер Лашез

На „Пер Лашез“ почиваат големи уметници, писатели, филозофи, музичари, политичари, луѓе кои низ вековите ја обликувале не само Франција, туку и целиот свет.

Токму овој факт привлекува милиони туристи да ги посетат овие гробишта.

Ќе споменеме само некои од нив.

Оскар Вајлд

Овој ирски писател, познат по својата остра иронија и остра духовитост, е запишан во историјата со светли букви.

Неговиот гроб, препознатлив по нагласените линии и необични детали, ги привлекува посетителите кои сакаат да му оддадат почит на овој непоправлив поет, кој, како и неговото дело, често беше на маргините, но во секое време оставаше силен впечаток кај сите што го сретнаа.

Џим Морисон

Легендарниот пејач на групата The Doors, и икона на рокенролот, е исто така одговорен што Пер Лашез го направи место за аџилак за многумина.

По неговата прерана смрт во 1971 година, гробот на музичката легенда стана место каде обожавателите дојдоа да му оддадат почит на неговиот дух, носејќи цвеќиња, цигари и пораки. Во еден момент, верниците ја преминаа границата на вкусот, а гробницата стана цел на нејасни активности и собири, по што властите го оградија.

Неговата надгробна плоча го носи само неговото име, без никакви дополнителни украси, што дава дополнителна длабочина и мистерија на целата негова легенда.

Неговиот споменик е можеби најпосетуваниот на гробиштата Пер Лашез.

Мал гроб за голем човек. Веруваме дека токму такво место би избрал за својот вечен дом.

Едит Пјаф

Во истата тишина, но во светлината на ѕвездите, почива француската пејачка Едит Пјаф, која низ својот живот исполнет со љубов, тага и триумфи, стана симбол не само на француската музика, туку и на нешто подлабоко – трагичната убавина на животот.

Нејзиниот гроб е и место обележано со подароци и песни, како и постојано посета од страна на обожавателите. Нејзината песна „Non, Je Ne Regrette Rien“ одекнува дури и во тишината на оваа гробница.

Марсел Пруст

Писателот на познатото дело Во потрага по изгубеното време, кој и самиот живеел во Париз, остави длабока трага во светската литература.

Неговиот гроб во „Пер Лашез“ ја одразува неговата длабока интроспекција, која се провлекува низ целото дело. Иако скромен, неговиот надгробен споменик стана центар за книжевните посетители кои бараат мир во таа прозаична тишина.

Фредерик Шопен

Полскиот композитор и пијанист, еден од најголемите мајстори на класичната музика, почива и на Пјер Лашез, би рекле во добро соседство, во близина на Едит Пјаф.

Неговиот гроб, опкружен со растенија и скулптури, ја отсликува атмосферата на неговите емотивни и музички дела. Шопен со своите дела ги постави темелите на класичната музика од 19 век и до ден денес неговото влијание е присутно во секое студио за пијано.

Оноре де Балзак

На овие гробишта е погребан и Оноре де Балзак (1799-1850), познат француски писател, еден од најзначајните претставници на реализмот во литературата.

Роден во Тур, Балзак студирал право, но набрзо и се посветил на литературата. Неговото најпознато дело е монументалната серија на романи и приказни наречена „Човечка комедија“ („La Comédie Humaine“), која се состои од повеќе од 90 дела и го прикажува француското општество во првата половина на 19 век.

Балзак бил познат по деталното прикажување на ликовите, општествените слоеви, како и по економските и политичките проблеми од тоа време. Иако за време на неговиот живот немаше голем комерцијален успех, Балзак постхумно стана еден од најважните писатели во историјата на француската и светската литература.

Тука почиваат уште многу познати луѓе како Молиер и Лафонтен, Марија Калас, Ежен Делакроа, Шамполион и многу други.

Гробот на Виктор Ноар – бизарна атракција

Виктор Ноар, млад новинар кој работел за францускиот весник Ла Марсеј, бил убиен во 1870 година кога имал само 22 години. Неговата смрт била предизвикана од дуел со принцот Пјер Бонапарта, братучед на Наполеон III. Принцот го предизвикал уредникот на весникот на дуел поради навредливи ставови за неговото семејство, а Ноар отишол да ја договори пресметката. Меѓутоа, за време на преговорите избила тепачка, а Бонапарта го убил Ноар.

Иако Бонапарта беше ослободен, неговата смрт предизвика огромен гнев во јавноста, а на погребот на Ноар присуствуваа повеќе од 100.000 луѓе, што го прави симбол на протест.

Гробот на Ноар стана познат и поради необичната скулптура направена од Жил Далоу. Скулптурата го прикажува Ноар во природна големина, а испакнатоста на неговите панталони стана поттик за бизарен мит за плодноста.

Легендата вели дека жените кои ја бакнуваат устата на статуата, ја тријат неговата испакнатост на панталоните или му ставаат цвет во капата, можат да постигнат плодност, сексуална среќа, па дури и брзо да забременат.

Иако во еден момент околу скулптурата беше поставен знак за предупредување и ограда поради непристојно однесување, жените ги игнорираа овие предупредувања, ја урнаа оградата, а скулптурата стана место кое сè уште привлекува посетители, со посебен акцент на „истрошените“ делови од статуата, што ја потврдува сериозноста во разбирањето на овој мит.

Тишината како светлина

Кога ќе поминете низ овие гробишта, ќе забележите нешто конкретно.

Иако гробиштата се полни со посетители, владее тишина која е речиси опиплива. Може да се слушне само шумолењето на дрвјата, звукот на чекорите, повремениот шепот на луѓето кои гледаат наоколу. Овој простор станува нешто повеќе од обични гробишта, тој е коридор низ времето, галерија во ѕидовите, светилиште на уметноста и животот.

Гробиштата се повеќе од место за последно почивалиште, тоа е простор каде некако повторно се преживува историјата. За многу посетители, Пер Лашез станува можност да се навратат на сопствениот живот, да се потсетат на безвременските вредности на уметноста, филозофијата и човечката борба.

Секој гроб овде носи приказна за љубов, страдање, триумфи и падови, сето тоа запишано во земјата, невидливо, но јасно за сите што можат да слушаат.

Гробиштата како место на културно наследство

Овие гробишта не се само споменик на минатите времиња, туку и жива компонента на француската и светската култура. Секоја година, многумина доаѓаат не само да им оддадат почит на големите имиња, туку и да го искусат овој културен момент.

Не е само уметноста што му даде заслуга на Пер Лашез, туку и самите идеи што се родиле и развиле овде го обликувале денешниот свет. Многу филозофии, теории и движења го препознаа својот почеток токму во главите на луѓето кои почиваа на овие необични гробишта.

За сите посетители, Père Lachaise е повеќе од место на тага и загуба. Тоа е место каде што се негуваат меморија, почит и инспирација. И, можеби најважно од сè, тоа е местото каде што се спојуваат минатото, сегашноста и иднината.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни