Францускиот премиер Себастиен Лекорну се соочува со сериозен политички тест во Националното собрание, каде што денес ќе се гласа за две иницијативи за недоверба против неговата влада. Причина за кризата е контроверзната пензиска реформа, која предизвика силен отпор во јавноста и во парламентот.
Во обид да ги намали тензиите и да обезбеди поддршка од дел од опозицијата, Лекорну најави дека реформата ќе биде суспендирана до претседателските избори во 2027 година. Социјалистичката партија – чија поддршка е клучна за опстанокот на владата – веќе сигнализираше дека најверојатно нема да гласа за изгласување недоверба доколку реформата остане стопирана.
Според француските медиуми, шансите Лекорну да ја преживее денешната парламентарна сесија се значителни, но ситуацијата останува неизвесна поради поделбите во парламентот и засилената критика кон владините политики.
Политичката криза доаѓа во момент кога владата се подготвува и за расправа по буџетот за 2026 година, а реформите на пензискиот систем се меѓу најконтроверзните прашања на француската политичка сцена.