Од 20 до 27 јуни 2025 година, во селото Лазарополе, Општина Маврово и Ростуше, се одржа третата сесија од летната школа NEW ART FOR(U)M, организирана од Факултетот за ликовни уметности при УКИМ – Скопје, под наслов „Мултипликација на пејзажот”.
Оваа година школата доби меѓународен карактер, благодарение на учеството на студенти од Fontys Academy of the Arts од Тилбург (Холандија), кои заедно со студентите од ФЛУ Скопје истражуваа и креираа уметнички дела низ фотографскиот медиум инспирирани од пејзажот како визуелна, документарна и критичка форма на изразување.
Учесници во сесијата беа: Ана Ѓорѓиевска, Марија Костадиновска, Мери Арсовска, Ана Томовска, Благоја Стојаноски, Нина Бубулеска, Илина Кулевска, Михаил Јовановски од ФЛУ Скопје и Suus Rijkes, Milika Slaats и Ine Pullens од Fontys, Тилбург. Наставниот и организациски тим го сочинуваа: ред. проф. м-р Роберт Јанкулоски, ред. проф. м-р Гоце Наневски, дипл. ел. инг. Дориан Јовановиќ, визуелен уметник Доротеј Нешовски и Nicole Van Hoof.
Преку теоретски и практични сесии, учесниците се запознаа со начините на користење фотографски камери во различни светлосни услови, анализа на оптички карактеристики на објективите и употреба на софтвери за обработка на фотографија. Фокусот на оваа сесија беше пејзажната фотографија – не како идеализирана слика, туку како документарна и критичка форма, платформа за настанување на комплексни уметнички и мултимедиумски дела.
Имајќи предвид дека живееме во постиндустриско време, опкружено со остатоци од индустриска активност што го менуваат „чистиот” пејзаж, студентите работеа на проекти кои ја истакнуваат еколошката димензија на уметноста, со цел подигнување на јавната свест за состојбата на природата. Покрај Лазарополе, учесниците фотографираа и во околината и во блиските села, истражувајќи го пејзажот од повеќе перспективи: уметничка, техничка, еколошка и културолошка.
Крајниот резултат од оваа сесија ќе биде претставен на групна изложба во Галеријата на ФЛУ во Скопје, која ќе се одржи во периодот ноември – декември 2025 година.
Проектот е поддржан од: Универзитет „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, Министерство за култура на Република Северна Македонија и Europe House Скопје.