Фигуративниот експресионизам и магичниот реализам на Трајче Чатмов во Националнта галерија Чифте Амам

Во најновото сликарство на Чатмов од 2025 година би можеле да се издвојат два доминантни тематски циклуси: (1) архетипски мотиви и митски слики и (2) старозаветни и новозаветни библиски мотиви. Меѓу нив постои мотивска испреплетеност, па затоа класификацијата е ориентациона

Во среда на 16 април во 20 часот во Националнта галерија Чифте Амам ќе се отвори изложбата „Религија, Митологија или слободна мисла„ на Трајче Чатмов.

Трајче Чатмов (Скопје, 1971) е еден од водечките современи македонски сликари. Неговиот ликовен корпус од последниве две-три години (2023 – 2025) импресионира со: (а) бројноста и квалитетот на насликаните и изложени дела, што покажува дека Чатмов е плоден автор кој се движи по самиот врв на своето творештво; (б) тематското богатство кое се движи во широк распон – од акт и фокус врз одделни предмети, суштества и фрагменти, до актуализација на познати митски слики, како и на значајни епски, историски и библиски приказни; (в) вештината на користење разнообразни вештини, меѓу коишто – акрил на платно, цртежи, акварели и лавиран туш на хартија и бројни комбинирани техники; (г) конечно со својата ликовна поетика која ја избегнува чистата апстракција и се потпира врз начелото на алегоричната визија на светот прикажана речиси без исклучок со помош на експлозивни и страстни ликовни експресии.

Екстензивната нарација и ширењето на смисловниот хоризонт на сликата е голем предизвик за секој вид сликарство. Историски гледано, ликовната естетика го постигнала својот врв и кога била апстрактна, и кога била фигуративна. Реализмот, како „стилски правец“, се појавува во одредено време и простор (19 век, Европа), но и се повлекува од историската сцена во одредено време. За разлика од него, фигуративниот експресионизам се провлекува низ повеќе епохи и повеќе простори. Впрочем, фигуративноста во сликарството не може да се подведе под еден единствен естетички именител. Фигуративноста побудува ликовна илузија на митот, на неисцрпниот „свет на песната и на легендата“, како што би рекол Блаже Конески.

Сликарството на Чатмов е сродно на магичниот реализам во книжевноста. Неговата експресивна фигуративност е драматична и мултифокална. Зад привидниот неред на облиците се наѕира митската приказна. Неговите слики се како палимпсести, слоевити, структурирани како текст во текст, како приказна во приказна, визија во визија, боја во боја. Тој ефект се постигнува не толку со фигуративноста, колку со колоритноста. На сликите на Чатмов контактот на боите е чиста магија. Начинот на којшто тој ги спојува боите на платното е најнепредвидливиот момент во сликарството на Чатмов. Тој е мајстор на полихромноста, на комбинаториката на контрастите и нијансите. Тој го рекреира имагинарниот свет.
Чатмов е чувствителен на митските слики сочувани во колективната меморија, склон кон конфигурација на имагинарното, а во одредени сегменти (на пример во минијатурата) се интимизира со одредени препознатливи форми што ги доловува екстатично. Во јазикот и книжевноста имаме „игри со зборови“, а во сликарството и графиката „игри со форми“, заправо „игри со бои“. Од нив зависи естетскиот ефект.
Ликовниот конфликт на големите платна на Чатмов се води меѓу инстинктивната потреба нешто да се изрази/искаже со сликата (реално или фиктивно, небитно) и рационалната опомена дека тој исказ треба да биде ликовен, повеќе да покажува одошто да кажува, во склад со естетиката на визуелниот јазик и семиозис Тој конфликт (неминовно) се соочува со варијациите на ликовните симболи и знаци кои, пак, по дефиниција секогаш нешто кажуваат, било преку сугестија, или асоцијација, или реминисценција, или алегорија, зошто да не! Алегоријата е еден од стилските начини сликите на Чатмов да означат и да кажат нешто повеќе, нешто индиректно, нешто шифрирано. Тоа го постигнува не само со помош на фигуративната експресија туку и со изместената и повеќеаголна (мултифокална, неокубистичка) перспектива која му е својствена и треба да биде предмет на посебна анализа.


Во најновото сликарство на Чатмов од 2025 година би можеле да се издвојат два доминантни тематски циклуси: (1) архетипски мотиви и митски слики и (2) старозаветни и новозаветни библиски мотиви. Меѓу нив постои мотивска испреплетеност, па затоа класификацијата е ориентациона. Погледнати како целина, овие два циклуса го сочинуваат ликовниот светоглед на Чатмов, го покажуваат неговиот сензибилитет, неговите пасии и неговите опсесии. Двете тематски предлошки се навидум различни, но суштински се надополнуваат, гранични се по однос на инспиративната матрица (цивилизацискиот и духовниот прототекст). Поради тоа, тие си реплицираат една на друга и се варираат една со друга.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни