Фармацевтските компании вложуваат милијарди во САД, а Трамп ги намалува цените на лековите

Од почетокот на својот мандат, Трамп повеќе пати се закани дека ќе воведе царини на увоз на лекови, а неговата администрација спроведува и истрага за фармацевтскиот увоз, со цел тие царини да се оправдаат со „национална безбедност“.

Уредбата на американскиот претседател Доналд Трамп за регулирање на цените на лековите може да го загрози планираното вложување од 50 милијарди долари во САД на швајцарскиот фармацевтски гигант Roche, соопшти компанијата денеска.

Според новата уредба, потпишана пред три дена, фармацевтските компании мора да ги намалат цените на оригиналните лекови и да ги усогласат со оние што ги плаќаат богатите држави ширум светот. Иако експертите предупредуваат дека оваа политика ќе биде тешко применлива на терен, Roche изрази загриженост дека ако уредбата стапи на сила, тоа ќе ја доведе под знак прашалник можноста за реализација на нивното најавено инвестирање.

„Нашата способност да го финансираме ова големо вложување во САД, вредно 50 милијарди долари, ќе биде доведена во прашање доколку уредбата се спроведе“, изјавија од Roche. Сепак, од компанијата додаваат дека не очекуваат уредбата да влијае врз нивното работење во 2025 година и најавуваат дека ќе продолжат да соработуваат со администрацијата на Трамп и Конгресот.

Големи инвестиции и од други компании

Roche во април објави план да вложи 50 милијарди долари во САД во текот на наредните пет години, при што ќе отвори над 12.000 нови работни места. На повикот на Трамп за враќање на фармацевтското производство на американско тло одговорија и други големи фармацевтски компании, меѓу кои Eli Lilly, Johnson & Johnson и Novartis.

Novartis, уште една швајцарска компанија, изјави дека засега нема намера да ја менува својата стратегија за инвестиции во САД поради новата уредба. Од компанијата нагласуваат дека поддржуваат реформи и во САД и во Европа, особено во однос на намалување на улогата на PBM-компаниите (посредници во управувањето со лекови на рецепт) и на нереално ниските цени на лековите во Европа.

„Промените нема да бидат брзи“

Од Novartis предупредуваат дека овие дискусии ќе траат подолго и дека нема да има брзи промени. Во САД, цените на лековите се резултат на комплексни преговори каде посредуваат PBM-компаниите, кои често се обвинувани за зголемување на трошоците за лекови.

Во Европа, пак, најголем дел од земјите имаат јавно здравство кое директно преговара со производителите на лекови, постигнувајќи многу пониски цени.

Од почетокот на својот мандат, Трамп повеќепати се закани дека ќе воведе царини на увоз на лекови, а неговата администрација спроведува и истрага за фармацевтскиот увоз, со цел тие царини да се оправдаат со „национална безбедност“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни