Министерот за туризам и антиквитети на Египет, Шериф Фати, изјави во саботата навечер дека нараквицата била украдена на 9 септември, во моментот кога вработените во музејот подготвувале артефакти за изложба во Италија.
Тој го обвини „немарот“ во музејот и истакна дека обвинителството сè уште ја спроведува истрагата, пренесува АП.
Нараквицата, украсена со перла од лапис лазули, му припаѓала на фараонот Аменемопе, кој владеел пред околу три милениуми.
Властите соопштија дека таа била украдена од реставраторската лабораторија во музејот и потоа завршила во синџирот на препродавачи. Лабораторијата немала безбедносни камери.
Четворица осомничени се уапсени, меѓу кои и еден реставратор вработен во музејот. Тој признал дека му ја предал нараквицата на познаник – сопственик на продавница за сребро во каирската населба Саједа Зеинаб.
Потоа била препродадена на сопственик на работилница за златен накит за околу 3.800 долари, а на крај стигнала кај друг златар кој ја стопил за да изработи нови парчиња накит.
Министерството за внатрешни работи објави дека осомничените ги признале делата, а парите од зделката биле запленети. Објавена е и снимка од безбедносна камера на која се гледа како еден од трговците ја презема и плаќа нараквицата.
Губењето на овој редок артефакт, кој преживеал три милениуми, предизвика огорчување во Египет, земја која има длабока почит кон своето античко наследство. Многумина побараа засилување на безбедносните мерки во музеите за да се заштитат националните богатства.
Извор:N1info.rs