Европската мрежа под притисок: Албанија и Македонија меѓу најпогодените од прекини на струја

Новo истражување на глобалниот производител на кабли Wiringo открива слаби точки во европската електро-мрежа, која под притисок од геополитички предизвици и климатски промени се тестира „како никогаш досега“.

Албанија е рангирана како земја со најмногу прекини на струја во Европа и Евроазија – во просек 40 прекини годишно, што значи околу 65 часа без електрична енергија по лице. Главниот град Тирана во јануари 2025 повторно беше погоден од масовен прекин, а во летото 2024 дел од Балканот (Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина) исто така остана без струја.

Веднаш по Албанија, Северна Македонија е втора на листата со околу 13 прекини годишно и повеќе од шест часа без струја по лице. Чести и долготрајни прекини имаат и Грузија и Ерменија.

На спротивната страна, Швајцарија е земја со најстабилно снабдување со електрична енергија – во просек само 0,19 прекини годишно. Германија, Франција, Велика Британија и Луксембург се меѓу најдобрите, со помалку од 20 минути годишен прекин по лице.

И покрај високата доверливост на мрежата, Норвешка се најде на 15-то место поради ризици од екстремни временски услови – силен снег и паднати дрвја.

„Мрежната отпорност не е загарантирана“

„Резилиентноста на електро-мрежата не е загарантирана со географија или членство во ЕУ. Таа зависи од инвестиции и модернизација на локалната инфраструктура,“ изјави Хомер Жао, директор во Wiringo.

Според него, зголемената побарувачка може да ги влоши проблемите ако итно не се инвестира во мрежата.

Во април 2025, масовен прекин ги погоди Португалија и Шпанија, оставајќи делови од земјите без струја речиси 24 часа.

Дали електричните возила се решение?

Меѓународната агенција за енергија (IEA) предупредува дека глобалните инвестиции во електро-мрежи мора да се удвојат до 2030 година – од сегашните 255 милијарди евра на повеќе од 500 милијарди.

Според Стокхолмскиот институт за животна средина, решението не е само повеќе капацитет, туку и „паметни, брзи и флексибилни системи“. Дел од потенцијалот, велат тие, лежи во електричните возила и нивната можност да враќаат струја во мрежата (vehicle-to-grid системи).

„Ако сакаме безбедни, нискојаглеродни и електрифицирани општества, потребни се вложувања во мрежата, поголема флексибилност, координација меѓу земјите и реална проценка на тоа што значи вистинска отпорност,“ заклучува институтот.

Извор: Euronews

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни