ЕУ ќе може полесно да го укине безвизниот режим за држави што претставуваат безбедносен ризик

Европскиот парламент денеска го поддржа новиот закон што ѝ овозможува на Европската унија побрзо и полесно да го суспендира безвизниот режим за држави чии граѓани претставуваат ризик по безбедноста или чии власти ги прекршуваат човековите и меѓународните права.

Суспензијата ќе се однесува на граѓани од 61 земја кои моментално можат да патуваат во Шенген-зоната без виза за престој до 90 дена во период од 180 дена. Според новите правила, Европската комисија ќе има флексибилност прво привремено, а потоа и трајно, да го врати визниот режим доколку се утврдат сериозни ризици.

Клучни критериуми за суспензија:

  • Нагло зголемување на криминал од страна на државјани на конкретна земја
  • Зголемен број на одбиени барања за азил
  • Прекршување на дозволениот престој
  • Користење на „златни пасоши“ – давање државјанство за инвестиции
  • Хибридни закани, како злоупотреба на миграции
  • Кршење на Повелбата на ОН и други меѓународни норми

Известувачот на Европскиот парламент за ова прашање, Матјаж Немец, изјави дека визната политика на ЕУ е „еден од најсилните алати за надворешна политика“ и дека реформата ја зајакнува посветеноста на Унијата кон човековите права.

Дополнителни одредби:
Законот ќе ѝ овозможи на ЕУ да таргетира и поединечни државни функционери, особено ако се поврзани со кршење на човекови права. Притоа, се наведува дека праговите за „значително зголемување“ на престој без дозвола или криминал се утврдени на 30%, додека за неуспешни барања за азил на 20%.

Иако досега само еднаш бил укинат безвизниот режим – во случајот со Вануату – новиот механизам предвидува проактивен пристап. Законот треба формално да биде усвоен од Советот на ЕУ и ќе стапи на сила 20 дена по неговото објавување.

Според дипломатски извори, овој чекор доаѓа како реакција на однесувањето на некои земји, вклучително и Грузија, за која постои загриженост дека се оддалечува од демократските вредности и се доближува до руското влијание.

Нема индикации за Балканот – засега

Иако новиот закон се однесува и на земјите од Западен Балкан, известувачот Немец изјави дека „нема директни последици за регионот, сè додека се почитуваат правилата на ЕУ за визна либерализација.“

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни