По успешните зимски и пролетни изданија, кафе-книжарницата „Илика“ во Скопје го стартува своето есенско издание на книжевниот кружок. Настанот ќе трае до крајот на годината и им е наменет на сите љубители на читањето – од пасионирани читатели до оние кои сакаат да си постават нов предизвик и да ги продлабочат своите литературни хоризонти.
Есенскиот книжевен кружок ќе биде посветен на делата на млади македонски автори, со три прозни книги кои ќе бидат во фокусот на разговорите. Првата средба е закажана за 30 октомври, кога ќе се дискутира за романот „Каде леташ, Јулија?“ (2025, Или-или) од Хана Корнети. Втората средба ќе се одржи на 20 ноември и ќе биде посветена на „Потклек“ (2025, Бегемот) од Љупчо Петрески, додека финалната средба на 11 декември ќе го затвори циклусот со книгата „Наназад“ (2025, Илика) од Стефан Алијевиќ. Сите разговори ќе се одржуваат во „Илика“ со почеток од 18:00 часот.
Целта на кружокот е да создаде пријатна, опуштена и инспиративна атмосфера во која ќе се споделуваат различни читателски доживувања, толкувања и перспективи. Разговорите ќе ги води Симона Трајчевска, членка на тимот на „Илика“, која ќе го насочува дијалогот и ќе поттикнува дискусија за најважните теми и мотиви од книгите.
Сите заинтересирани можат да се приклучат на кружокот со купување на специјалниот членски пакет, кој вклучува три книги, бесплатен пијалак за секоја средба и мало изненадување за идните белешки. Повеќе информации се достапни директно во кафе-книжарницата „Илика“.